И што ако поднесе Кире оставка? Како ќе се реши проблемот?

Еден твит на Бошко Караџа ме замисли и ме испровоцира да седнам на тастатура, иако после тоа вчера тешко се седнува и срочува рационален текст. А впрочем и кој би знаел што е сега најпаметно? Ај ќе пробаме со факти.

Навивачите во Краков или поточно дел од навивачите, после дебаклот со Аргентина скандираа „Оставки, оставки“. Слично е и на социјалните мрежи и од сè она што се изначитавме, можеме да забележиме дека јавноста е поделена околу тоа прашање.

Твитот на Бошко Караџа вели вака:

Навидум едноставна констатација, но после Дебрецин и посебно Краков веројатно точна, која мора да ја прифатиме и со која ќе треба да се соочиме. За жал.

Македонија на последните две големи натпреварувања ЕП 2022 и СП 2023 забележа 6 порази на 6 меча. Лани ги имавме Столе и Жути, а Кире не настапи поради повреда, но тогаш бевме само анемични, а сега без нив очајно лоши во сите сегменти.

Ова е најлошата и најнеуспешната ракометна серија на селекцијата кога секогаш се враќала дома со по некоја победа, а понекогаш и изненадување и пред сè со неспоредливо подобра игра, пристап, жар, борбеност, па и почит кон националниот дрес.

За да стигнеме до реалната поента за тоа од каков штоф е оваа репрезентација, мора да се потсетиме дека до Краков стигна со помош на искусните Столе и Жути, како и Кире во улога на играч/селектор.

Беа силна поддршка и поткрепа за мундијалските бараж пресметките против Романија и Чешка, кои ако ни се паднат пак, не постојат теоретски шанси да ги добиеме со ваков антиракомет.

Порака за да не се лета со амбициите испрати и самиот Кире кој уште пред заминувањето од Скопје, рече дека ќе се обидат да направат некое изненадување и да победат некоја од трите противници.

Слично изгледаше и неговата вчерашна изјава:

„Пред почетокот на турнирот бевме рангирани на последното место во групата. Не очекував победи против Норвешка, Холандија и Аргентина, туку верував во порази од 3 ,4, 5, 6 разлика, не вака со двоцифрена разлика. Не сум задоволен, мора многу да работиме ако сакаме да креираме нова генерација“.

Не сум присталица за менување селектор после едно или две промашени првенства. Го сметам за нерационално решение во секој спорт. Впрочем тоа го покажуваат и фактите. Пример дека е подобро спротивното има колку сакаш и тоа парадоксално и кај Македонија и Аргентина, ама во фудбал.

Скапав на Градски уште од средина на 90-те и веќе не можам да ги паметам сите селектори кои се сменија во изминативе 30 години. Ако ја прашам Википедија ќе ми излезат сигурно околу 15-20 или во просек нов на секои две години или година и пол.

Рекордерот со неполн шест годишен селекторски стаж ја создаде најдопадливата игра, го оствари најдобриот процент на победи, ја искачи 100 места на рангот на ФИФА и што е најбитно ја однесе на Европско. Потоа генијалците од ФФМ го сменија, без разлика што испиша историја во македонскиот фудбал и направи култ од репрезентацијата која важеше за потсмев.

Покоен Диего Армандо Марадона му се исмеваше на Лионел Скалони и рече дека најголемиот проблем со овој човек е што ќе сака еден ден да ја води Аргентина на Светско. Скалони загуби во Копа Америка, но го оставија да работи. Затера пет години и ја промени историјата во земјата која 30 години плачеше по трофеј. Освои Кога Америка и Светско, едно по друго. 

На ракометна Македонија и се заканува стагнација или уназадување. Второто е далеку понепосакувано. Тоа е реалноста после Дебрецин и посебно Краков. И со Кире и без Кире како селектор. Ако грешиме со овој заклучок, ќе биде одлично за сите.

Ракометарите имаа јаз од 1999-та до 2009-та, нешто што им се случува сега на кошаркарите. Ако продолжи очајот од Краков, никој нема да го спречи за жал тој неизбежно реален пат. 

Како да не постои свест дека Македонија нема квалитет и квантитет за константни успеси, особено после неизбежното повлекување на оние кои истовремено беа актери, лидери, капитени и легенди.

Фудбалот не ни е ист без Пандев, ракометот без Лазаров, кошарката без Антиќ и другарите. Тоа се гледа и чувствува и мора да го прифатиме, но никако не смееме да се помириме дека не може да се повтори.

„Мислам дека на Македонија и се потребни повеќе концепти како Алкалоид, не само во ракометот, туку и во сите други спортови. Ние брзаме за резултатот, а не сме стрпливи за да го изградиме. Како држава не сме доволно финансиски моќни да купуваме играчи, а не ни се ни работи многу, мрзливи сме. Не ни создаваме, во изминатиов период немаме создаде играч. Последните играчи се создадени од Лино Червар со Металург, тоа се Талески, Кузмановски и Томовски кои се сега репрезентативци. Ако немаме концепти како бивши Металург и сегашен Алкалоид, јас се надевам дека ќе се родат уште неколку такви, ние никогаш ќе немаме квалитетна репрезентација“, изјави Лазаров во емисијата Македонски спортски легенди, минатиот месец.

После тоа што и го даде на Македонија, Кире Лазаров има уште кредит, па макар успеал да ја издигне со концептот клуб - репрезентација со помош на неговиот оспоруван Алкалоид. Доволно е искусен за да сфати дека кредитот се троши.

Филип Нацоски

18 јануари 2023 - 12:32