Во пресрет на Вардар - Фленсбург

Абутовиќ: Ќе им искинеме повеќе од седум дресови

Македонскиот ракометен шампион утре го игра најважниот, но и најтешкиот меч на сезоната на кој брка историски фајнлфор. На само еден час пред повлекувањето во карантин, за офф.нет зборува левиот бек на Вардар, кој повторно ќе има тешка задача да ги скроти налетите на Германците.

- Од Германија се вративте со само два гола негатива, резултат кој внесе оптимизам кај македонската јавност дека во сабота Вардар може да испише нова ракометна историја. Колкави се шансите за тоа во проценти?

Мислам дека имаме реални шанси за да се пласираме понатаму, ние се надеваме на тоа, а ова е една голема прилика која мора да ја искористиме, особено затоа што играме дома пред една прекрасна публика. Во проценти еве не би рекол дека се 70-30 затоа што знаеме какви се Германците кои нема да дојдат тука и да се предадат, ама мислам дека се 50-50.

- Која е разликата помеѓу Хамбург и Фленсбург и кој е посилен?

Според мене Фленсбург е посилна екипа. Хамбург има многу подобри поединци, но Фленсбург е посилен како колектив, подолго време се заедно и подобро се воиграни. Најопасен играч им е средниот бек Монгенсен преку кој одат сите акции во напад.

- Во Германија ви искинаа 7 дресови, како ќе им вратите вие?

Се надевам дека ние ќе им искинеме повеќе дресови ако сакаме да одиме понатаму. Барем 8-9 дресови. 

- Што научивте од Раул Гонзалес во овие три месеци?

-Се работи за многу добар тренер и одличен тактичар кој знае како треба да не подготви за секој натпревар. На секој меч го даваме максимумот и како што можете да видите во последните месеци со него направивме многу добри резултати.

- Во Вардар има интернационален тим со играчи од многу различни држави, како се разбирате?

Зборуваме на шпански, англиски, руски, македонски, српски и ги користиме сите јазици колку што има и ракометари од различни земји.

- Ако со овој тим сте помеѓу најдобрите 8 во Европа, а имате шанси и за фанјлфор, каков успех треба да очекуваат навивачите во наредните сезони, за кои Сергеј Самсоненко најави нови звучни засилувања?

Оваа година мислам направивме успех поголем од тој што сите го очекуваа, така што самите си направивме цел за наредните неколку години. Навивачите сигурно дека ќе очекуваат наредната година да бидеме во осминафиналето или помеѓу најдобрите 4 европски екипи. Така да ќе треба повторно да ни се поклопат работите како ова сезона кога имаме реални шанси за Ф4, а тоа се пред се добра игра и противници.

- Според твоја прогноза кои две екипи ќе се судрат во финале?

-Тоа е многу тешко прашање. Мислам дека Веспрем сигурно ќе игра финале, а за другата екипа не би знаел да кажам. Ако се пласираме во фајнлфор, се надевам дека ние ќе им бидеме противници.

25 април 2014 - 12:44