Јунајтед им покрива визи на 500 навивачи за пат во Русија

Иако Мурињо сакаше да им се падне АПОЕЛ, па да играат во топлата и сончева Никозија, на крај им го извлекоа студениот Ростов во Русија.

Фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед ќе им плати на навивачите визи за нивното гостување на мечот од Лига Европа против Ростов.

Мечот од осминафиналето се игра на 9. март така што управата на „Црвените ѓаволи“ решила да одвои по 118,20 фунти за виза за секој од 500-те навивачи кои имаат карти. Ростов е град во југо-источна Русија и речиси 2.000 километри оддалечен од Манчестер, така што навивачите ќе имаат дополнителни трошоци додека стигнат да го бодрат тимот.

Управата им соопштила на навивачите кои ќе тргнат на ова гостување до 20 часот во среда да ги достават документите со цел да им се извади виза за влез во Русија. Верноста на англиските навивачи не се доведува во прашање, а ниту пак нивната финансиска можност да патуваат секаде низ Европа каде играат момците на Мурињо.

Мурињо после ждрепката изјави дека ова далечно гостување не им одговара од неколку причини, пред се поради дербито со Челси кое ги чека три дена откако ќе се вратат од Ростов на Дон.

Распоредот на Манчестер Јунајтед во наредниот период:

4. март против Бурнемоут дома
9. март против Ростов на гости
13. март против Челси на гости
16. март против Ростов дома
19. март против Мидлзборо на гости.