Пораз за МЗТ пред градското дерби

Кошаркарите на Цедевита ја оправдаа фаворитската улога и славеа против МЗТ Скопје со 61:76. По минати 5 кола од Јадранската лига, тимот од Аеродром има 3 порази. Бекот Диксон дебитираше со 5 коша.

Ниту новите засилувања Дион Диксон и Сеад Шеховиќ не беа доволни МЗТ Скопје да избегне втор пораз по ред, а трет за „штрковите" во дуелите против хрватска Цедевита. И покрај тоа што тренерот Стефанов најави посериозен пристап во одбраната за разлика од дуелот со Крка, МЗТ Скопје во најголем дел од мечот против Цедевита беше во резултатска негатива.

По воведната игра кош за кош, Цедевита за прв пат поведе со три поени предност (12:9) кон крајот на првиот квартал. Хрватската екипа ги искористи петте минути без поен на МЗТ и стекна повисока предност. Домашните се обидоа да одржат приклучок, но серијата 10:2 и водството од 5 поени (28:14) беше единствено што покажаа до крајот на првиот дел кој заврши 33:34 за Цедевита.

Евролигашот од Загреб искусно го чуваше водството од 11 поени, стекнато на крајот од третиот квартал (61:50). МЗТ се обиде со шут за три да се врати во игра, но погоди само 3 од 17 обиди, а имаше и 14 загубени топки и поразот беше неминовен.

Марко Симоновски со 12 коша беше најефикасен кај Скопјани, Цветковиќ и Овен Класен уфрлија по 9, додека Лучиќ, Маринковиќ и Николовски дадоа 7 коша. Новото засилување на бековската позиција, Дион Диксон дебитираше со 5 поени, а старо-новиот лик, Шеховиќ немаше поени.

МЗТ Скопје со скор 2/4 на Јадранот, го пречекува дербито со Работнички во среда во „Градски парк", а следната сабота му гостува на Партизан во Белград.

2 ноември 2014 - 20:02