Перо Антиќ сè подобар во Атланта

Атланта Хокс забележа уште еден пораз во подготвителните натпревари пред новата сезона во НБА лигата, а Перо Антиќ го одигра за него најефикасниот натпревар до сега во НБА.

Перо Антиќ добива се поголема минутажа од тренерот Баденхолцер, а нашиот довчерашен капитен ја оправдува довербата.

Кошаркарите на Атланта Хокс загубија на домашен терен од Индијана Пејсерс со 89:107, а Антиќ овој пат одигра скоро 23 минути.

За ова време поминато на паркетот Антиќ повторно одигра важна улога во одбраната, а имаше и учинок од 7 поени (3/7 за 2 и 1/5 за 3 поени), оствари по 3 скока и асистенции, украде една топка, а направи и 2 блокади.

Најефикасни во неговиот тим беа Скот и Тиг со по 17 поени, а во победничкиот табор се истакнаа Вест со 24 и Скола со 20 поени.

Вечерва Атланта ќе го одигра последниот претсезонски натпревар против Далас Маверикс, а за една недела против истиот противник ќе ги започнат и официјалните натпревари од новата сезона.

23 октомври 2013 - 08:52