Орландо Меџик го слави Шекил О'Нил, првиот играч на кој му го повлекува дресот

Легендарниот број 32 на Орландо за кој останувавме и без спиење во 90-те поради една финална серија против Олајџувон и бандата, оди во историјата.

Шекил О'Нил ја има таа чест да стане првиот играч во историјата на Орландо Меџик на кого му повлекуваат дрес од употреба.

Клубот од Флорида организираше церемонија со сите нишани во чест на човекот кој за прв пат ги однесе во финале после рекордна сезона од 60 победи.

Тоа беше 1994/1995, кога во Меџик се формираше славното дуо Шек - Пени Хардевеј кое привлече многу фанови и кај нас. Знаеме и такви кои уште ги чуваат дресовите од нив.

Моќниот Орландо во плејоф ги елиминираа Бостон со Доминик Вилкинс и Дино Раѓа, Чикаго без Џордан и Индијана со Реџи Милер, но во финале загубија од силниот Хјустон Рокетс предводен од славните Хаким Олајџувон и Клајд Дрекслер.

Шек во својата прва финална серија во кариерата имаше просек од 28 поени, 12,5 скока и 6,3 асистенции.

Инаку легендарниот центар беше избран од страна на Орландо како прв пик на драфтот, каде кариерата ја почна на 20 години и настапуваше во периодот 1992-1996.

Замина како шести најдобар стрелец и трет најдобар скокач во историјата на клубот, кој дефинитивно немал појак играч. Уште од тогаш виткаше обрачи и кршеше табли.

Орландо е третиот НБА клуб кој повлекува дрес на Шек по Лејкерси и Мајами Хит. Другите двајца на кои им бил повлечен дрес од страна на три екипи се Вилт Чемберлен и Пит Маравич.

Најдоминантниот центар во НБА им се заблагодари на сите во клубот и на навивачите, а до него ги повика поранешните играчи на Орландо.

Меѓу беше и легендарниот Пени кој се појави со специјален костум, полн со фотографии од нивните заеднички денови.

На церемонијата беа и мајка му на Шек, како и седумте негови деца. 

 
14 февруари 2024 - 12:10