Леброн ги дупчеше Дончиќ и Јокиќ дека првиот Ол стар го играл 68-ма со Вилт Чемберлен

Јак муабет падна синоќа на клупа за време на Ол стар натпреварот кој од година во година се повеќе се игра за терање мајтап и заебанции. Една тројка фалеше за да паднат точно 400 поени.

Чујте го само каква забава им приреди Леброн Џејмс на Дончиќ и Јокиќ на клупа.

Камерите го уловија како им раскажува за неговиот прв Ол стар меч, пази 1968-ма година „кој го играл“ заедно со Вилт Џемберлен (1936-1999), Боб Коузи кој е жив и има 95 години и 73 годишниот Доктор Џеј.

Дончиќ прво му се чудеше на муабетот, па се насмеа, а Јокиќ се кезеше позади Пол Џорџ.

Инаку веднаш по мајтапот, наброја дел од ѕвездите со кој го играл вистинскиот прв Ол стар во Денвер 2005-та.

Внимавајте добро какви имиња биле дел од тој спектакл, посебно првите петорки.

Истокот победил со 125:115, а за МВП бил избран Ален Ајверсон. 20 годишниот Леброн Џејмс дебитирал со 13 поени, 8 скока, 6 асистенции и 2 украдени топки за 31 минута на паркетот.

Инаку Леброн синоќа стана рекордер со 20 настапи на Ол стар со што го мина Карим Абдул Џабар. Го испушти само оној во деби сезоната во НБА и потоа врза 20 во низа.

Три пати е прогласуван за МВП (2006, 2008 и 2019), првиот пат на 21 година како најмлад во историја, потоа има еден трипл дабл (2011), а рекордот на поени му е 36 (2012).

Инаку 73. издание на Ол стар мечот заврши со победа на Истокот со нереален кошаркарски резултат од 211:186. Мечот заврши со рекорден број на поени и рекорден најмал број на фаули во историјата, вкупно три.

Колумнистот Боб Рајан со остра критика:

„По кој знае кој пат НБА ѕвездите не покажаа почит кон кошарката. Уште еден фестивал на забивања и тројки. Ниту една рака во противничкото лице. Какво губење на време. Мора да се направи нешто, ова е брука за спортот. Ако челниците на НБА не ги навредува оваа фарса, тогаш не се разбираат или не сакаат кошарка. Овие ѕвезди треба да бидат цензурирани. А пак каде се тренерите? Има ли некој гордост?“ 

19 февруари 2024 - 10:43