Дербито на Истокот за Вашингтон, шестка за Перо Антиќ

Изминатата ноќ во НБА се одиграа десет натпревари, а главни улоги имаа екипите на Голден Стејт Вориорс и Атланта Хокс, франшизи кои редат последователни победи. Славеше и Сан Антонио.

Перо Антиќ одново како стартер го почна мечот против Бостон, кој Хокси го добија 105:91 и стигнаа до 10. триумф по ред. Таков учинок, Атланта немала 17 години во НБА. За нешто помалку од 24 минути, Антиќ промаши пет пати за три поени, а до крајот постигна шест поени, пет скокови и четири асистенции.
 
Слободен ден кај Хокси имаа Ал Хорфорд и Кајл Корвер, така што Џеф Тиг постигна 22 поени, а Пол Милсап 18. Кај „детелините“, Бредли уфрли 17 поени.
 
Голден Стејт Вориорс против Мајами стигнаа до 31. триумф сезонава, 104:89. Стефон Кари повторно беше најдобар поединец со 32 поени. Репрезентативецот на САД имаше уште и пет скокови, а покрај него двоцифрен учинок имаше единствено Клеј Томпсон со 19 поени. Во Мајами, Крис Бош запиша 26 поени и седум скокови, а Луол Денг 19 поени со седум скокови.
 
Виктор Оладипо со 32 поени и по шест скокови и асистенции му ја донесе на Орландо 15. победа во сезоната, овој пат против Хјустон 120:113. Уште една одлична вечер имаше и Никола Вучевиќ со 25 поени и 12 скокови. Во тимот на Хјустон, како по обичај најефикасен беше Џејмс Харден со 26 поени и дури 10 асистенции. Двајт Хауард го заврши мечот со 23 погодоци и осум скокови.
 
Доминацијата на Виктор Оладипо:

 
Во дербито на вечерта, Пирс и Џон Вол се погрижија за триумф на Вашингтон против Чикаго 105:99. Пирс даде 22 поени и шест скокови, а Вол додаде 21 и девет асистенции, додека кај Булси Пау Гасол забележа 13 поени и осум скокови.
 
Ману Џинобили се потруди да му ја прекине серијата од пет победи по ред на Шарлот Хорнетс. Во славјето од 98:93, Аргентинецот постигна 27 поени, а Дени Грин имаше 18 погодоци. Тим Данкан се истгакна со 14 поени и 10 скокови. Кај Хорнетси, Кемба Вокер уфрли 28 поени. Сан Антонио во моментов е седми во Западната конференција, а „мамузите" дури осум од следните десет средби ќе ги играат на домашен паркет и ќе имаат можност да ја подобрат позицијата на табелата.
Џинобили се враќа во форма:
 
 

НБА Резултати:

Шарлот - Сан Антонио 93:98
Орландо - Хјустон 120:113
Бруклин - Мемфис 92:103
Детроит - Њу Орлеанс 94:105
Торонто - Филаделфија 100:84
Бостон - Атланта 91:105
Чикаго - Вашингтон 99:105
Денвер - Далас 114:107
Голден Стејт - Мајами 104:89
Портланд - ЛА Клиперс 94:100