Кладилниците ја отпишаа Македонија

Веднаш откако беа извлечени квалификациските групи за Европското фудбалско првенство, кладилниците ги објавија и своите коефициенти според кои Македонија има мали шанси за пласман на ЕУРО 2016.

Фудбалската репрезентација на Македонија во квалификациите за Европското првенство кое во 2016-та година ќе се одигра во Франција, се падна во група со шампионот Шпанија, незгодните Украина, Словачка и Белорусија и најдобро рангираните од групата на аутсајдери - Луксембург.

Ова Европско првенство ќе биде прво со 24 учесници, па таму ќе се пласираат првопласираните две екипи од секоја група и најдобрата третопласирана, а останатите репрезентации кои ќе завршат на третата позиција ќе играат баражи.

Но дури и со овој формат шансите на Македонија за пласман на едно големо натпреварување се мали. Барем така сметаат кладилниците.

Најголем фаворит од нашата група секако е Шпанија и за нив коефициентот дека ќе бидат првопласирани е 1,1. Следи Украина со 8, Словачка со 26 и Белорусија со коефициент 101. Коефициентот дека Македонија ќе биде прва во групата Ц е 501, а зад нас е само Луксембург со коефициент 2501.

Според кладилниците, Шпанија е сигурен учесник на ЕУРО 2016 со коефициент 1,01. Коефициентот за пласман на Украина е 1,17, следат Словачка со 6 и Белорусија со 13.

Ако сте оптимист и верувате дека Македонија може да се квалификува на Европското првенство во Франција, тогаш можете да се кладите на коефициентот 34. Помали шанси од нашата група има само Луксембург чиј коефициент е 1001.

Шпанија има големи шанси и да си ја одбрани титулата во Франција, а според кладилниците нивните сметки можат да ги поматат Германија и репрезентацијата на домаќинот. Коефициентот на Шпанија и Германија дека ќе бидат шампиони на ЕУРО 2016 е 4,5 пред Франција (5,5), Италија (8), Холандија (10) и Белгија со коефициент 11.

Ако сте преголем оптимист и верувате дека Македонија ќе се квалификува на Европското првенство, па дури и ќе го освои, можете да фрлите вложите пари на коефициент 1001.