12 тренери за 12 сезони

Зошто Валенсија нема право на грешка?

Екипата која од последната борба за титула во Шпанија до денес смени 12 тренери за 12 години не би смеела да погреши со изборот на нов стратег, затоа што во тимот се вложени цели 200 милиони евра за 24 месеци.

Последната титула во Шпанија, вкупно шеста, Лилјаците ја освоија пред 11 години. Од тогаш досега, Валенсија ниту еднаш не беше близу титулата во Ла Лига.
 
По сериозната криза која се закани да го згасне славниот клуб, дојде милијардерот од Сингапур Петер Лим. Тоа им даде надеж на навивачите дека Валенсија ќе се врати во друштво на Реал, Барселона и Атлетико Мадрид.
 
Сепак и сезоната 2015/2016 е идентична како претходните, по што тренерот Нуно Еспирито Санто поднесе оставка после поразот во дербито од Севиља (1-0).
 
И покрај потрошените 200 милиони евра на трансфери, Валенсија после 13 кола е на 9-то место со учинок 5-4-4. Во Лигата на шампионите, Валенсија е во група со Зенит, Гент и Лион и кога се очекуваше да освои едно од првите две места, следеа порази од Гент и Зенит што дополнително го истуркаа тренерот Нуно подалеку од Местаља.

Сингапурскиот газда сега нема право на грешка во изборот на нов тренер. Главни кандидати се Франк Рајкард, Алехандро Сабеља, Марсело Бијелса, Михаел Лаудруп и Хуанде Рамос. Холанѓанецот не работи од 2013. година кога го отпуштија од Саудиска Арабија. Данецот правеше чуда со Свонси, а лани една сезона беше во Катар и сега е слободен. Сабеља нема работа откако ја донесе Аргентина до финалето на СП 2014 во Бразил и поднесе оставка. Бијелса го напушти Марсеј минатото лето и нема работа, а последниот кандидат Хуанде Рамос е слободен по четирите успешни сезони со Дњепар.
 
Најславните денови на Валенсија се одвиваа под водство на Рафаел Бенитез. Со моќна екипа без претерано големи ѕвезди, Лилјаците освоија две титули за три сезони од 2001. до 2004, но од тогаш не е конкурентна за пехарот во Примера. Тренерите се менуваа како на лента: Клаудио Раниери, Антонио Лопез, Кике Санчез Флорес, Оскар Фернандез, Роналд Куман, Салвадор Гонзалес Воро, Унаи Емери, Маурисио Пелегрино, Ернесто Валверде, Мирослав Ѓукиќ, Хуан Антонио Пици и довчерашниот Нуно Еспирито Санто. 12 тренери за 12 сезони.
 
Вредноста на играчите на Валенсија:

Шкодран Мустафи (25 милиони)
Пако Алкасер (25 милиони)
Дани Парехо (22 милиони)
Енцо Перез (20 милиони)
Андре Гомез (20 милиони)
Хозе Луис Гаја (20 милиони)
Софијан Фегули (18 милиони)
Родриго (15 милиони)
Алваро Негредо (14 милиони)
Ајмен Абденур (10 милиони)
Жоао Кансело (10 милиони)
Пабло Пјати (8 милиони)
Санти Мина (8 милиони)
Хави Фуего (7,5 милиони)
Адерлан Сантош (7,5 милиони)
Диего Алвес (7 милиони)
Метју Рајан (7 милиони)
Данило (7 милиони)
Антонио Бараган (5 милиони)
Лукас Орбан (5 милиони)
Родриго де Паул (5 милиони)
Жом Доменек (4 милиони)
Закарија Бакали (3 милиони)

Цените се според реномираниот Трансфермаркет.

1 декември 2015 - 10:07