Заборавениот дефанзивец на Милан и неговиот единствен гол како еден од клучните за Скудетото

Кога се зборува за одбраната на Милан од 90-те, се знае на кој се мисли. Малдини, Барези, Костакурта и Донадони. Точка. Сè друго е материјал од клупа. Денешниот датум буди спомени, токму на еден таков заборавен лик со чудни патишта на кариерата.

Бруно Н`Готи е човекот со не баш звучно и популарно име во фудбалот, кое има најголеми шанси да го паметат само оние кои навиваат за Милан уште од времето на Алберто Ѕакерони и онаа шампионска сезона, кога на крајот за бод му избегаа на Лацио.

За овој играч е врзан конкретно 24 јануари 1999-та, денот кога го постигна еден од неговите 27 голови во долгата 23 годишна кариера. Еден и единствен за Милан и сигурно еден од клучните за освојувањето на титулата.

Росонерите ослабени без Бобан и Роси ѝ гостуваа на незгодната Болоња предводена од Карло Мацоне и неговиот главен адут, Џузепе Сињори кој ако не го чуваш кога бие со лева, сметај дека топката е во гол.

Токму таа негова левица на два пати ѝ носеше водство на Болоња, а Милан преку Гуљиелминпјетро и автоголот на Магони израмнуваа.

За одбележување на оваа пеколно неизвесна средба со многу пропуштени шанси е влегувањето на Н`Готи на 4 минути до крајот. За гостите во последната минута беше досуден слободен удар од една опасна ситуација и наместо специјалистите Албертини или Морфео, пред топката застана џокерот Н`Готи кој некако ноншарлантно ја опали со десна по земја и го совлада лошо позиционираниот Антониоли.

Прв и последен гол за Французинот во дресот на Милан, а веројатно и најдраг во кариерата, со оглед на тоа што го постигна за најславниот клуб за кој играл и кој влијаеше во освојувањето на неговата единствена шампионска титула во кариерата.

Пред да заигра во шампионската сезона во Милан, зад неговото име стојат Лион (1988-1995) и ПСЖ (1995-1998), но потоа неговата кариера тече по многу шаренолик пат. Милан го праќа на позајмица во Венеција која во тој период се бореше за опстанок, потоа прави трансфер во Марсеј, Болтон, Бирминген и Лестер во трета лига, а кариерата ја завршува во француски шестолигаш на 40 години.

Дека не се работело за висока класа на дефанзивец, кој некако залутал во друштво на Малдини и компанија, покажува тоа што го викнале да дебитира за Франција во тим со Зидан и Турам и потоа никогаш повеќе не го повикале.

24 јануари 2017 - 17:20