Вечниот Емре Белозоглу на 40 години конечно ја заврши сјајната кариера

Денес легендарниот турски фудбалер кој освојуваше еврокупови уште во минатиот век, полни 40 години. Пред месец дена стави крај на својата долга и богата кариера.

Штотуку Емре објавил дека ја завршува својата кариера, голманот на Фенербахче и младинската репрезентација на Турција, Алтај Бајиндир во едно интервју рекол:

„Уште не сум бил роден кога Емре веќе играл фудбал. Уште не сум знаел да зборам, а тој веќе освојувал трофеи и ги бранел боите на репрезентацијата. Мечтаев за негов автограм, а сега со него сум на терен“, рекол младиот голман.

ЕМРЕ Е ВЕЧЕН КАКО РЕТКО КОЈ ФУДБАЛЕР

И зборовите на голманот Бајиндир се вистинити. Емре Белозоглу својата прва шампионска титула ја освоил пред цели 23 години!

Во исто време со неговото деби за Галатасарај, овој клуб во втората половина на 1990-те години доминираше во Турција и освои четири титули по ред.

Шлаг на тортата стана пехарот во силниот Куп на УЕФА 1999/2000 кога ги совладаа Борисија Дортмунд, Лидс Јунајтед и во финалето Арсенал со Анри, Бергкамп, Кану и Овермарс. И покрај тоа што Турците играа со играч помалку по исклучувањето на лидерот Георге Хаџи, издржаа до пенали и таму ги совладаа моќните „топџии“ за големо славје.

Емре не играше во големото финале поради тоа што беше исклучен во полуфиналето, но сеедно славеше со соиграчите. За приказната да стане, Галатасарај славеше и во Суперкупот на УЕФА. Тогаш играа без својот најдобар стрелец Хакан Шуќур кој веќе се пресели во Интер. И овојпат стигнаа до пенали каде го освоија драгоцениот трофеј благодарение на замената за Шуќур, Марио Жардел.

Во тоа време Емре Белозоглу веќе стана еден од лидерите на Галатасарај. Преку малиот фајтер одеа сите напади на екипата, тој делеше сјајни асистенции а неретко и сам даваше евроголови.

Во сезоната 2000/2001 постигна дури 10 гола во сите натпреварувања. На 20 години веќе имаше 4 шампионски титули, 2 Купа на Турција, Куп на УЕФА и Суперкуп на УЕФА. Го нарекоаа Марадона од Босфорот.

Фатих Терим, „императорот“ за Емре еднаш рекол: „Сум видел многу, многу талентирани играчи, ама така надарен како него никогаш“. Набрзо после Шукур, богатиот Интер со Масимо Морати се реши да ги донесе уште и Емре и Окан Бурук од Галатасарај.

Веќе во 2001-ва Емре брзо стана еден од носителите на играта на Интер, но за разлика од Галатасарај, со нераѕурите не освои ниеден трофеј (стигнуваше до полуфинале на Куп на УЕФА и Лига на шампиони, освои второ и два пати трето место во Серија А).

Интересно, дебитантскиот гол за Интер во еврокуповите турскиот репрезентативец го постигна против Баер Леверкузен кога свое шоу имаше тогаш младиот Обафеми Мартинс кој исто постигна дебитантски гол.

Токму двајцата од Интер се преселија во Њукасл и таму го освоија Интертото Купот.

Севкупно за Интер постигна 5 гола во сите натпреварувања, но тифозите од Милано ден-денес го паметат неговиот настап против Лацио на „Олимпико“ во декември 2002 година.

Тогаш Интер губеше со убедливи 3-0 во 38' минута но по влегувањето на Емре, екипата живна и израмни на 3-3 со два гола на Турчинот. Едниот од тие два гола беше во стил на Марадона, буквално ја предрибла целата одбрана на Лацио.

Емре во сезоната 2002/2003 беше биран за најдобар играч на сезоната од навивачите, но поради честите повреди одигра само 19 меча во 2004/2005. По доаѓањето на Манчини немаше место за него во тимот.

После 3 сезони фудбал во Италија, отиде во Њукасл каде успеа да се најде со големиот Алан Ширер.

Патот подоцна го врати во родниот Истанбул каде сензационално не потпиша со родниот Галатасарај, туку отиде кај крвниот непријател Фенербахче со кого освои 2 титули, 2 Купа и 2 Суперкупа на Турција. 

Интересно, Емре Белозоглу два пати заминуваше и два пати се враќаше во Фенер.

На 38 години потпиша со новиот хит во Турција Истанбул Башакшехир. Откако освојуваше пехари и со овој клуб, реши пред крајот на кариерата по трет пат да се врати во Фенербахче каде стана капитен.

Што се однесува до репрезентацијата на Турција, Емре дебитираше уште во минатиот век. Тој беше еден од главните играчи на славното Светско 2002 каде Турците освоија бронзен медал.

А точно пред една година, на 7 септември 2019 Емре за последен пат во кариерата го облече дресот на Турција. Тогаш наполни 39 години, а денес 40. Успеа Турција да ја однесе на Европско 2020 каде нема да го гледаме.

Сјајна кариера на големиот борец од Босфорот кого навивачите ќе го паметат по многу сјајни настапи во кариерата.

7 септември 2020 - 15:00