Ракометна Лига на шампиони

Вардар нема милост, падна и ПИК Сегед, Штербик доминантен

Во дуелот од 11. коло од Лигата на шампионите, Вардар на гостински терен го совлада Пик Сегед 21-23 (11-12) и се зацврсти на првото место во групата Б.

Во еден исклучително тежок натпревар, ракометарите на Вардар на стартот од мечот против Сегед имаа негатива од 2-0 но набрзо со 4 гола во серија направија пресврт и поведоа.

Носен од домашната публика, Сегед брзо врати со два гола и израмни на 4:4, а резултатската рамнотежа траеше до половината од првиот дел кога Вардарци со цврста игра во одбраната и ефикасен напад дадоа 3 гола во серија и се одлепија на 6:9.

Дека Пик Сегед е тврд орев кој во групата Б веќе оствари 6 победи, Унгарците покажаа кога на Вардаровата серија вратија со нивна низа од 3 гола и на семафорот стоеше 9-6 за Сегед.

Целата моќ шампионот на Македонија ја демонстрираше со серијата од 0-6 кога стигнаа до +3 (9-12) а тој период од играта ги носеше екипите во наизменично водство и неколку израмнувања. До крајот на првиот дел, Сегед направи серија од 2-0, Вардар играше дефокусирано во одбраната и на паузата се замина со 11-12 за Скопјани.

Стартот на вториот дел го одбележа груба игра во одбраната на двете страни и фантастичните одбрани на двата голмани Сиера и Штербик.

На истекот од 40. минута Сегед со погодокот на Скубе отиде на 16-14 после што Раул Гонзалес повика тајм-аут кој вроди со плод. Македа го израмни резултатот на 19-19 а набрзо Дибиров во за него својствена контра погоди за водство на Вардар од 20-19. Без многу проблеми „црвено-црните“ ја задржија предноста и на крајот сосема заслужено славеа со 21-23.

Русинот Тимур Дибиров со 6 гола од кои два кога се решаваше победникот, беше прв стрелец кај Вардар, а 4 даде Алек Душебаев. Кај домашниот ПИК Сегед 6 гола даде Словенецот Скубе. Играч на мечот беше Арпад Штербик кој имаше 13 одбрани од кои 3 седмерци. Штербик беше најзаслужен за новиот триумф на Вардар кој цврсто стои на лидерската позиција.

Во следниот натпревар во ЛШ, Варадр на 25 февруари во Скопје го пречекува Целје.

18 февруари 2017 - 19:15