Квалификации за Лига на шампиони

Црвено-црна фешта, падна и Копенхаген!

Во првиот меч од 3. квалификациско коло вечерва во Скопје, фудбалерите на Вардар го победија Копенхаген со 1-0 и со убава залиха ќе патуваат на реваншот во Данска за една недела.

Во однос на триумфалниот меч со Малме во Струмица, Гоце Седлоски се реши за една измена во првите 11, поточно Дејан Блажевски наместо Никола Глигоров во средниот ред.

Гостинскиот тренер Солбакен кој успешно го преброди гостувањето кај Рандерс минатиот викенд, одлучи да направи две измени за разлика од тој меч - Тутох наместо Куск на средината и Сантандер место Кипранецот Сотириу во самиот шпиц.

Со отворена Јужна трибина и дел од Запад каде беа Комити, Вардар денес го бодреа нешто повеќе од 11.000 гледачи колку што беше дозволениот број влезници во согласност со УЕФА. Ветерот кој денес малку ги разлади Скопјани овозможи супер услови за игра.

Мечот почна со шанси на двете страни. Копенхаген сериозно се закани уште во 3’ минута. По една неспретна реакција на капитенот Грнчаров, Јан Грегуш биеше силно но Гачевски исфрли во корнер. Вардар возврати во следниот напад откако шутот на Блажевски се одби од Јохансон и заврши во корнер.

Во продолжение од мечот Копенхаген се обиде да наметне свое темпо, но Новак добро командуваше со одбраната на ’Црвено-црните’ која и вечерва беше одлично поставена како и против Малме во Струмица. Во 30’ минута домаќинот ослободен од притисокот создаде убава прилика кога Николов пласираше но Олсен исфрли во корнер.

До крајот на полувремето Вардар ја имаше најзрелата шанса во првите 45 минути откако Николов гаѓаше во аголот, но Олсен со крајни напори одбрани.

Само десет минути игра во вториот дел му требаа на Вардар да створи неколку шанси и офанзивно да тргне кон противничкиот гол. Во 55’ минута Балотели доби дуел со стоперот Јохансон и шутираше силно но Робин Олсен го скроти ударот. По еден час игра, Седлоски менуваше првпат - излезе Дејан Блажевски а влезе омилениот меѓу Комитите, 10-та Дамир Којашевиќ кој требаше да ја освежи офанзивата на македонскиот шампион.

Во ситуација кога тргна многу поотворено, Вардар го искористи моментот и во 64’ минута поведе со 1-0 по ефектниот гол на Балотели. Акцијата ја започна Стефан Спировски кој се обиде да ја протне топката во противничкото поле, но левиот бек на Копенхаген Пјер Бенгтсон несмасно ја рогна во соиграчот Грегуш, таа се одби до Балотели кој од прва распали со сета сила за водство:

Предноста на Вардар дополнително го разгоре „Градски“, а особено Комити кој од Запад не престанаа со песна. Данците се обидоа со внесување на Сотириу и Томсен да сменат нешто во играта но Вардар вечерва едноставно играше одлично на секој дел од теренот.

Фото: Борис Грданоски

Во 81’ минута Балотели одново повлече една страшна контра, со бразилски потег го дрибна Бенгтстон и центрираше по земја, но Којашевиќ млако шутна од 5-6 метри. Одлична оценка вечерва заслужи и Филип Гачевски на голот кој на неверојатен начин во 86’ минута спаси чист гол по обидот на Сотириу со глава.

До крајот резултатот не се менуваше, Вардар ја сочува предноста и заслужено ќе носи позитива во главниот град на Данска каде сигурно ќе има поддршка од своите верни навивачи.