Триото кое ја однесе Пескара во Серија А, од второлигашки фудбал стигна до шампионска слава

Сите тројца ја почувствуваа жестината со која се водат битки да се стане прволигаш. Се искалија со мангуп тренер, направија одлични трансфери, станаа протагонисти и стигнаа до ниво да ги елиминираат Белгија, Шпанија и Англија.

Меѓу честитките за европската титула, УЕФА на својот Твитер профил изненади со една посебна во која може да се видат тројца репрезентативци на Италија, ама во дресови на Пескара.

Се работи за Лоренцо Инсиње, Марко Верати и Чиро Имобиле. Триото кое пред 9 години играше во Серија Б. Тоа е сезона која нема да ја заборават. Па зарем се заборава таква радост кога на мал клуб од градче со 120.000 жители ќе им го направиш ќеифот да игра во прва лига.

Во 85 години историја, тоа им беше само шесто учество, а најзаслужни за успехот беа овие, тогаш млади играчи предводени од Зденек Земан кои се обидувале да се докажат.

Имобиле беше ангажиран на позајмица од Јувентус, Инсиње од Наполи, а Верати беше од претходно член на Пескара каде и ја почна кариерата во 2008-ма. Да, истиот тој Верати кој сега брои вкупно 27 трофеи со ПСЖ.

Земан го негуваше својот напаѓачки стил на игра со формација 4-3-3. Од класична 10-та зад напаѓачите, Верати го врати назад да игра веднаш пред дефанзивната линија, исто како што направија со Пирло во Милан.

Неговиот развој како плејмејкер беше евидентен, но и имаше на кого да дава топки. Тоа се истите двајца напаѓачи кои на Европското беа во преден план кај Манчини.

Пескара имаше целосна контрола во Серија Б, паметен тренер и тројца големи перспективни таленти кои редеа победи против Сампдорија, Торино, Верона, Сасуоло.

Пескара не само што стигна до Серија А, туку тоа го направи убедливо со 83 бода и 90 постигнати голови на 42 средби, во просек по 2,14 по натпревар. Истата година Јувентус стана шампион на Италија со 72 погодоци.

Стилот кој го наметна Земан во тимот влијаеше директно на Верати кој со истакнувањето таа сезона ја доби престижната награда „Bravo Award“ која се доделува на најдобриот фудбалер до 21 година од страна на Гуерин Спортиво, најстариот спортски магазин во светот. Истото признание го имаат добиено уште еден куп славни играчи како Касиљас, Меси и Клајверт.

Имобиле блесна со 28 гола и стана прв стрелец таа сезона, а Инсиње имаше фантастичен учинок од 18 гола и 14 асистенции.

Девет години подоцна, овие тројца играчи во своите најзрели години (родени се 90-та, 91-ва и 92-ра) играат во големи клубови, освојуваат трофеи и стигнаа до кровот на Европа.

И тоа Чиро стана прв стрелец во историјата на Лацио со 150 гола, го стигна Игуаин со 36 сезонски погодоци, рекорд во една сезона во Серија А и со таа бројка минатата сезона ја освои Златна копачка во Европа.

Лоренцо е една од главните алки во играта на Наполи со кој освои три трофеи, исто колку Чиро со Лацио и на конто има 109 гола.

Марко пак во 2012-та од Пескара направи трансфер од соништата. Правец во ПСЖ, каде го држи средниот ред и е седумкратен првак на Франција.

Ова трио беше толку клучно во кам бекот на Пескара во прва лига после 20 години, што од Серија Б одлучија наградата за играч на сезоната да им ја подели и на тројцата.