Точно 17 години поминаа од Монако - Депортиво 8:3 со Дадо Пршо

Еврокуповите се врхунски турнири особено кога во една сезона некој аутсајдер ќе дотурка најдалеку од сите и ќе направи сензација. Таква беше приказната со луцидните Монако и Депортиво Ла Коруња.

Незаборавната сезоната 2003/2004 подари многу јаки дуели со француски Монако и шпански Депортиво во главна улога кои таа година играа ултра-напаѓачки фудбал и стигнаа: првиот во финале на ЛШ, а вториот во полуфинале.

Таа 2003/2004 во Лига 1 Монако два пати го совлада големиот ривал Марсеј, во Париз со 2:4 го нокаутираше ПСЖ, во првенство и во Куп го разби Лион со 3:0 и 4:1. Шлагот на тортата беше во Европа кога во легендарни битки ги урнаа Челси и Реал Мадрид, а круната беше кога го потопија Депортиво. Пред точно 17 години на денешен ден.

Денес Депортиво Ла Коруња уморно дреме во шпанското фудбалско дно, а Галијците на времето беа страв и трепет за цела Европа.

Во тоа време во 4. коло од групната фаза на Лига на шампиони Монако реши да го нападне Депортиво со комплетна офанзива. Предводени од Дидие Дешам на клупата, за Монако таа година играа формулите Ротен и Жили и снажните Мориентес, Адебајор и Дадо Паршо. Тука беа уште и Патрис Евра, Ибара, Сисе, голманот Рома.

15.882 гледачи уште не седнати на седиштата на „Стад Луј II“ не можеле да претпостават што ќе сведочат. Дадо Пршо дента славел 29. роденден па постои анегдота дека кога го прашале што сакаш за роденден, одговорил „Да дадам 4 комада вечер“.

А за тоа колку беше јак Депортиво говори и податокот дека веднаш по таа групна фаза, во 1/8 финале го исфрлија Јувентус па следуваше историскиот двомеч со Милан (пораз 4:1 на Сан Сиро и шокантен реванш со триумф од 4:0 во Ла Коруња).

На 6 меча во нокаут фазата Депортиво прими само 1 гол! Во тимот беа голманот Молина, па Најбет, Мауро Силва, Амависка, Валерон, Жорге Андраде, Икер Ромеро, Хуан Фран, Скалони, Тристан, Џалмиња, Капдевиља, Пандијани, Педро Мунитис и др. 

Монако во мечот не влезе во идеален состав. Стандардниот десен бек Уго Ибара остана на клупата, а него го замени стоперот Гаел Живе. А главниот бомбардер на екипата таа сезона Фернандо Мориентес го пропушти мечот поради повреда.

На негово место како единствен шпиц во формацијата заигра Дадо Пршо. Му помагаа Жили и Јарослав Плашил. 

Тимот од кнежевството во страшен налет на полувреме водеше со апстрактни 5-2, па гостинскиот тренер Хави Ирурета реши на паузата да го смени голманот Молина со Мунуа - не толку поради повреда туку да проба психолошки да влијае на одбраната која во тие 45-46 минути не постоеше на теренот.

Но залудно. Црвено-белите дадоа уште 3 гола, Ла Коруња уште 2 и на семафорот стоеше 8-3. 

Во таа 2004-та година овој меч беше право финале. Подоцна во нокаут фазата Депортиво одигра уште еден епски меч, оној против Милан кога се вратија после поразот од 4:1 во Италија и дома славеа 4:0.

Дека таа сезона беше една од најубавите за гледање потврдува и шампионот: Порто со Жозе Мурињо стигна до трофејот откако со 3:0 го порази Монако во Гелзенкирхен. Една недела подоцна Жозе за првпат седна на клупата на Челси.

5 ноември 2003 г. Монако. Стадион "Луј II". 15.882 гледачи

Монако – Депортиво – 8:3

Ротен, 2 (1:0). Жили, 11 (2:0). Пршо, 26 (3:0). Пршо, 30 (4:0). Тристан, 39 (4:1). Скалони, 45 (4:2). Пршо, 45 (5:2). Плашил, 47 (6:2). Пршо, 49 (7:2). Тристан, 52 (7:3). Сисе, 67 (8:3).