Тимот на колото во Европа е со наш репрезентативец

Почнуваш да го читаш од нападот со Нејмар, Жоао Феликс и компанија, па потоа подоле гледаш играчи од Реал, Челси и Сити и на крај Столе Димитриевски. Колку убаво. Кој и да го составил, капа долу.

Чуварот број 1 на Македонија викендов целосно го заслужи вниманието кај шпанските медиумите и статистичарите откако повторно имаше блескава партија против фаворитот Барселона.

Но тука не завршија пофалбите за него. 365Scores го состави тимот на колото со играчите од топ 5 лигите во Европа, а на голот го стави токму наш Столе.

Рајо Ваљекано со реми против Барселона на гости ја отвори новата сезона, а најзаслужен за тоа беше Димитриевски кој ги скроти сите удари на каталонците.

Со овие 0:0, Рајо влезе во серија од три меча по ред без примен гол од Барса откако минатата сезона ги добија два пати со по 1:0, а нашиот голман е прв во последните 50 години кој останал несовладан на две гостувања по ред на Камп Ноу.

„Бајка на Македонецот. На три меча по ред не прими гол од Барса и со 10 одбрани исмеја 153 милиони евра“, напиша српски Блиц.

Димитриевски сосема заслужено беше прогласен и за МВП на мечот. 

50 години не се истакнал никој на Камп Ноу како наш Столе 

Најдобрите паради на Димитриевски против Барселона

17 август 2022 - 08:45