Сочувство за Барселона од целиот спортски свет

По терористичкиот напад во Барселона каде на една од најпознатите светски улици загинаа најмалку 14 лица а повредени се стотина, светот на спортот реагираше и прати пораки за сочувство и храброст на најблиските на загинатите.

Вчера доцна напладне Барселона беше погодена од терористички напад. Слично како и во Ница и во Берлин претходно, така и во срцето на Каталонија терористите користеле комбе, возено овојпат од едно лице коешто на фамозната ла Рамбла со полн гас газело луѓе.

Билансот на жртвите се уште во целост не е дефинитивен но се претпоставува дека се загинати 14 лица.

Пораки за пружање помош, донации и сочувства пристигнуваат од целиот свет, а се огласија и најпознатите спортисти на планетата. Ова е прв атентат во Шпанија од почетокот на терористичките напади предводени од ИСИЛ кој презеде одговорност за масакрот на Ла Рамбла.

„Длабоко сме ожалостени од нападот на нашиот град. Сите наши мисли се со жртвите, нивните семејства и со народот на Барселона“, стои во пишаната изјава на фудбалскиот клуб Барселона по повод терористичките напади.

Сочувство набрзо стигна и од Реал Мадрид кој на својот сајт напиша: „Реал Мадрид Ц.Ф. изразува најдлабока потресеност од нападот случен во Барселона и ја изразува солидарноста како и сочувство до жртвите и нивните фамилии и пријатели. На повредените им посакуваме брзо оздравување.“

Се огласи и ПСЖ, клубот кој неодамна потпиша со Нејмар којшто и самиот изрази сочувство и жалење за жртвите од масакрот.

„На овој трагичен ден нашите мисли се со жртвите, нивните фамилии и нашите пријатели. Ние сме со вас.“

Сочувство на семејствата на убиените во терористичкиот напад упатија и Кристијано Роналдо, Клаудио Маркизио, Сусо, фудбалерите на Барселона Лукас Диње, Серџи Роберто, Лукас Диње, Самуел Умтити, Хавиер Маскерано, како и Роналдињо, Ерик Абидал, АЦ Милан и многу други.

18 август 2017 - 14:48