Шпанците со рекорден триумф во Купот на Конфедерации

Црвената фурија сосема очекувано стигна до висока победа од 10:0 против селекцијата на Тахити која има само еден професионален фудбалер. Најпрецизни беа Торес со 4 и Виља со хет трик, а светскиот шампион стигна до рекордно највисока победа во историјата на овој турнир.

Висенте Дел Боске очекувано одмараше дел од првотимците кои настапија на првиот дуел против Уругвај, но тоа секако не претставуваше проблем за светскиот и европски шампион да стигне до погодок уште по 4 минути игра. По двојното проигрување на Казорла и Торес, напаѓачот на Челси лесно стигна до погодок.

Мрежата на Тахити мируваше се до 30 минута, но потоа настана голеада до крајот на првото полувреме. Давид Силва на асистенција на Виља го зголеми водството, потоа Торес се најде очи во очи со голманот на Тахити, го мина лесно и го постигна својот втор гол на мечот. Во 39 минута Силва му возврати на Виља со асистенција и резултатот на полувреме беше 4:0.

Вториот дел Шпанците го започнаа слично како на стартот од мечот и по една школска акција Давид Виља по втор пат се запиша на листата на стрелците и зголеми на 5:0. Хет трик на мечот направи Фернандо Торес кој на асистенција на Хезус Навас погоди за 6:0.

Но тоа не беше се. Шпанците си поигруваа како на тренинг, а до хет трик стигна и Давид Виља кој по аматерската грешка на голманот Рож шутираше во празен гол. По 2 минути на листата на стрелци се придодаде и Мата.

Најголемата радост за Тахити можеби беше 77 минута кога Торес промаши пенал погодувајќи ја пречката, но веќе во следниот напад, ѕвездата на Челси стана првиот фудбалер кој постигнал 4 гола на еден меч на овој турнир. Точка на мечот стави Силва на една минута до крајот.

Селекцијата која вреди 3 милиони евра и која е 138 на ранг листата на ФИФА не успеа да упати ниту еден шут во рамките на голот, а Шпанците успеаа да му го нанесат највисокиот пораз на составот на Тахити идентичен со оној на Нов Зеланд во 2005 година.

20 јуни 2013 - 22:49