Се жртвувал за мачка и останал без кариера

Клише изјава на еден тренер на прес конференција е дека тој многу го респектира противникот и дека неговите играчи се подготвени да дадат максимум за да одат на победа. Во пресрет на вечерашниот дуел од ЛШ меѓу Рома и ЦСКА Мокска, рускиот стратег кажа нешто и за неговото минато.

Леонид Слуцки не може да се пофали со многу играње фудбал, затоа што на википедија му стои дека одиграл само една сезона или поточно бранел на 13 меча за тимот на Звезда Городише во 1989 година. Причините ги образложи во пресрет на мечот против Рома.

„Како заврши мојата кариера како играч? Престанав со играње, затоа што кога имав 19 години се качив на дрво за да си ја спасам мачката, но потоа паднав и тешко се повредив. Од тогаш решив да не чувам повеќе мачки“, изјави 43 годишниот Случци.

Рускиот стратег бил надежен голман, но ракавиците не бил во можност повторно да ги облече, па почнал со тренерска работа во Русија уште на 29 години.

Најголемите успеси ги постигна откако во 2009 година седна на клупата на ЦСКА Москва со која има по две титули во првенството, купот и Супер купот на Русија.

Сега нешто и од клишеата:

„Нападот на Рома е многу опасен. Тоти, Пјаниќ, Жервињо и Итурбе можат сами да го решат мечот. Мојот тим секогаш напаѓа, но сега ќе мора да се браниме и да се обидеме да нападнеме преку контри“, рече Слуцки.

17 септември 2014 - 17:44