Се ближи крајот на епохата на Касиљас во Реал Мадрид

По цели 25 години патиштата на Икер Касиљас и Реал Мадрид најверојатно ќе се раскрстат иако капитенот има договор до 2017. година, пренесува шпанската ТВЕ.

Реал Мадрид неколку сезони по ред е заинтересиран за Давид Де Хеа, голманот на Манчестер Јунајтед кој би требало да биде следниот чувар на мрежата на Кралскиот клуб и замена за легендарниот Касиљас.

Откако долго време грееше клупа кај Мурињо и не баш сигурното место во првиот тим под Карло Анчелоти, Икер Касиљас би сакал да најде место каде стандардно ќе брани, а Реал тоа не му го гарантира. Поради тоа првиот голман на шпанската репрезентација би можел да замине во Турција, каде Фенербахче му нуди богат договор.

За 16 години како прв голман на Реал Мадрид, Икер Касиљас освои 3 пехари во Лигата на шампионите, Светско клупско првенство, 5 титули во Примера, 2 Кралски купа и 4 Суперкупа на Шпанија.

По неуспешната сезона без трофеи, претседателот Флорентино Перез вети дека Реал Мадрид мора да се врати на правиот пат.

„Во овој клуб се учи како никогаш да не загубите натпревар и да се борите до последната секунда. Учиме да станеме посилни тогаш кога резултатите не се такви како што посакуваме. И така ќе биде многу скоро“, изјави неодамна Флорентино Перез, кој најави промени во екипата летово.

Во меѓувреме, новиот тренер Рафа Бенитез изрази желба клубот да му го донесе Фернандо Љоренте кој е на излезна врата од Јувентус. Бенитез сакал напаѓач со различни карактеристики од оние на Бензема, Хесе, Бејл и Роналдо, додека договорот на Чичарито нема да биде откупен од Манчестер Јунајтед.

Баскиецот има уште две години од договорот со Јувентус, кој за него бара цифра меѓу 8 и 10 милиони долари.