Сантијаго Бернабеу ќе стане најспектакуларниот стадион за четири спортови

Во 2023-та, Мадрид ќе го добие првиот стадион на планетава на кој покрај фудбал, ќе може да се игра и кошарка, тенис и рагби.

Славниот Бернабеу се трансформира во чудо од стадион и по двете реновирања во 1982-ра и 2001-ва, третото ќе биде посебно затоа што ќе го прилагодат за вкупно четири спортови.

14 кратниот европски првак објави видео на кое може да се забележи дека во домот на фудбалскиот тим ќе има и кошаркарска сала со монтажни трибини, тениски терен, како и можност за играње рагби.

Тоа не значи дека ќе може да се одржуваат натпревари во сите спортови истовремено, туку стадионот ќе биде со тревни подови кои се подвижни и кои ќе се местат согласно потребите.

Соблекувалните беа урнати по прославата на последниот трофеј во ЛШ и се очекува да бидат целосно нови за следната сезона. Нивниот нов изглед е една од најдобро чуваните тајни и се верува дека ќе бидат меѓу најдобрите во светот.

Старите веќе имаа луксузни детали со спа простор за опоравување по натпреварите, но Реал ќе оди чекор понатаму со најнова технологија.

Покривот ќе биде подвижен и би можел да биде готов до крајот на ова лето, што значи не е исклучено да се користи за следната сезона. Но намерата е сè да почне да функционира кога стадионот ќе биде свечено отворен.

Има уште многу работа и постои оптимизам дека цел проект ќе биде готов до следното лето, а Реал Мадрид нема да игра ниту еден домашен натпревар до 4 септември.

Целиот зафат ќе чини околу 500 милиони евра.

29 јуни 2022 - 12:09