Реал Мадрид и Меси во знакот на стотката

По двата кикса со Малага и Виљареал, Реал Мадрид забележа две импресивни победи со резултат 5:1 и дојде до бројката од 100 постигнати голови оваа сезона. Барселона го победи Атлетик Билбао со 2:0 на 100-от натпревар на кој Лионел Меси се запиша во листата на стрелци.

Веќе трета сезона по ред Реал Мадрид постигнува по повеќе од 100 голови, но оваа сезона тие тоа го сторија уште во март по 30 одиграни натпревари.

До овој успех тие стигнаа со победата од 1:5 пред негостољубивите навивачи на Осасуна. Централна фигура на натпреварот беше Кристијано Роналдо кој постигна два гола и асистираше на други два. Едниот погодок беше вистинска бомба, а со другиот погодок тој конечно ги замолкна критичарите кои велеа дека тој е „дрво" за слободни удари. Имаше мала помош и од еден фудбалер на Осасуна, но сепак ќе му се брои дека дал гол од слободен удар.

Оваа сезона Роналдо има реализирано 37 голови и 10 асистенции, а вкупно има постигнато 133 голови на 133 одиграни натпревари.

На два пати во листата на стрелците на овој натпревар се запиша и Гонзало Игуаин, а првиот гол на натпреварот беше вистинско ремек дело од Карим Бензема кој ја искина мрежата на Осасуна со волеј во стилот на Марко ван Бастен.

Почесниот гол за Осасуна го постигна Нино, а нервозните домаќини натпреварот го завршија со играч помалку откако во последната минута Лама зарабори два жолти картони за приговор.

Гвардиола и Биелса изминатава недела не штедеа комплименти и си се испофалија меѓусебно, но на теренот Пеп покажа дека нема респект за „Лудакот".

Барселона ја имаше целосната контрола во текот на целиот натревар, а за тоа говори и фактот што Атлетик Билбао го имаше првиот шут кон голот на Валдес дури во 81-та минута.

Заморените фудбалери од Билбао кои само пред 2 дена играа натпревар во Лига Европа, се држеа до 40-та минута кога резултатот го отвори Иниеста по асистенција на Меси.

Аргентинецот за кого навивачите на Барселона посветија прекрасна кореографија пред почетокот на натпреварот, ја завери победата со удар од белата точка во 58-та минута.

Ова беше 100-ти натпревар на Барселона на кој во листата на стрелци се запишал Лионел Меси. Скорот на Барселона кога Меси ќе постигне гол е 91 победа, 8 нерешени и само 1 пораз.

ШПАНСКА ПРИМЕРА - 30. КОЛО:

сабота:
Барселона - Атлетик Билбао 2:0
Иниеста 40, Меси 58п

Малага - Бетис 0:2
Кастро 40, Дорадо 45

Расинг Сантандер - Гранада 0:1
Сикеира 89п

Спортинг - Сарагоса 1:2
Егурен 49 - Постига 37, Лафита 90

Осасуна - Реал 1:5
Нино 48 - Бензема 7, Роналдо 37, 70, Игуаин 40, 77

недела:
12.00: Атлетико Мадрид - Хетафе
18.00: Валенсија - Леванте
21.30: Реал Сосиедад - Рајо Ваљекано
21.30: Виљареал - Еспањол

понеделник:
21.00: Севиља - Маљорка