Првата битанга на европскиот фудбал

Како да објасниш човек што цела вечер скита по барови, а не пие, колекционер е на коли, ама не ги вози и е добитник на лото ливче кое го добил за роденден и потоа ги поделил парите на своја штета?

Легендата на германскиот фудбал, Гинтер Нецер е опишан како свесен тип за своите квалитети, но со голема ароганција која не му дозволува да ги почитува тие со авторитет.

Како играч на Борусија Менхенгладбах за време на финалето од купот против Келн седел 90 минути на клупа, но кога почнало судиското продолжение му рекол на тренерот: Сега јас влегувам во игра и ќе давам гол. Нецер влегол во игра и по само 3 минути во вториот контакт со топката го дал решавачкиот гол.

Имал среќа што тренерот бил одличен пријател со татко му и затоа во клубот немал никакви проблеми. Откако го потпишал првиот договор за тогашни 160.000 марки месечно, пуштил коса, го наметнал својот авторитет и станал медиумска ѕвезда. Германците го сметале за икона на поп културата во светот на фудбалот и прв кој привлекол толку внимание во јавноста.

„Многу ме критикуваа поради долгата коса. Но да појаснам, не ја носев за да ги пратам модните трендови, туку затоа што бев грд. Долгата коса на моето лице ме направи атрактивен“.

Нецер играл 10 години за Борусија од 1963-та до 1973-та и на 230 меча постигнал 82 голови. Тоа е ерата на едно од најголеми ривалства во Бундеслигата меѓу Борусија Менхенгладбах и Баерн Минхен. За Борусија играле Берти Фокс и Јуп Хајнкес, a за Баерн Франц Бекенбауер и Герд Милер. Просечната возраст на играчите во тие екипи била 21 година.

Покрај купот кој го решил сам, освоил и две шампиони титули по ред. Потоа направил трансфер во Реал Мадрид и тоа како одговор до Каталонците кои се засилиле со Јохан Кројф.

Приказната оди вака. Во очи на првиот тренинг, претседателот Сантијано Бернабеу му порачал преку тренерот да ја скрати косата, бидејќи никој не смеел да се разликува во еден таков колектив каков што е Реал Мадрид. По истиот “курир“, Нецер одговорил: „Не можем да играм ако немам долга коса“.

Бернабеу го гледал на првиот тренинг и се воодушевил од Германецот, посебно од неговите обиди од слободен удар. Секоја топка ја шутнал таму каде што сакал, а голманот бил исфрустриран.

Кога тренерот Муњоз после тренингот му отишол на Бернабеу и му ја пренел пораката, тој одговорил: „Оставете го таков каков што е“. Така Нецер станал првиот фудбалер на Реал со долга коса.

Освоил две титули во шпанското првенство и две во Копа деј Реј, а со Западна Германија станал Европски (1972) и Светски првак (1974).

Пред 45 години даде ваква изјава:

„Слушај, заработувам четири пати помалку од Мајер, Милер и Бекенбауер, а на исто ниво сме. Ако не можете да ме платите адекватно, дозволете ми да заработувам на друга страна“, се обратил кај тренерот на Борусија кој требал да му пренесе на директорот на клубот.

По три годишниот престој на Бернабеу, Нецер заминал во Грасхоперс и по една сезона решил да се пензионира. Но тоа било само фудбалска пензија, бидејќи од тогаш сериозно се фатил за работа.

Прво се занимавал со маркетинг, а потоа станал директор на Хамбург кој од просечен клуб ги славел најголемите успеси во историјата. Бундеслигата ја освоил три пати (1979, 1982 и 1983), а во 83-та направил сензација со триумфот на Хамбург во финалето од Европскиот куп против Јувентус, тим каде играле тазе Светските прваци од Италија, заедно со Мишел Платини.

Нецер не застанал тука, туку отворил агенција за ТВ права која има годишен приход од 300 милиони евра и која соработува во германската фудбалска федерација, а станал и стручен аналитичар за телевизијата ARD каде работел 13 години се до СП 2010.

„На своите 23 години имав три деца и живеев мирен семеен живот. Сеп Мајер и Герд Милер возеа порше и ми се смееа што од првата поголема плата купив фамилијарна кола. Ми беше криво и бев по малку љубоморен. Да и потоа излегов глуп“, изјави во едно од своите интервјуа.

Негов голем фан секогаш на лото ги уплаќал броевите од неговиот датум на раѓање 14.9.1944, бројот на неговите копачки 47 и головите за репрезентација 6. Кога за роденден му испратил коверт со ливче на кое биле заокружени тие бројки, Гинтер добил 300.000 марки. На навивачот му дал 225.000 марки, а за себе си задржал 75.000 колку што му требало да си ја реновира дискотеката.

Освен бракот во 80-те за него се зборувало дека имал и еден куп други жени, а на неговата тоа не и сметало и изјавила:

„Мојот Гинтер има снага за 10 девојки“.

Германците за него велат дека е вечен плејмејкер и кога игра и кога зборува и кога работи, па затоа за себе сега вели: „Останав истата битанга“.

20 јули 2015 - 17:15