Проблемите со кои се соочувал Панчев во Интер

Златната копачка има кажано дека трансферот во Интер му е најголема грешка во кариерата, но не сме го слушале до волку да влегува во детаљи за тоа промашено време во Серија А. Почнува од самиот старт кога мистериозно завршил на трибина, па сè до збогувањето со газда Морати кој го затекнал на крај.

За српската емисија „Mojih TOP 11“ Дарко Панчев ги раскажува хронолошки трите сезони во Интер (1992-1995) со исклучок на полусезоната 1993/1994 кога поради неиграње на Меаца се обидел формата да ја одржи во Лајпциг.

Имал повеќе опции за голем трансфер од Црвена Ѕвезда, а потоа и од Интер.

Тогашниот претседател на Реал Мадрид, Рамон Мендоза два пати со приватен авион одел во Белград за да разговара со Џаиќ на Панчев. Го барал и Јохан Кројф во Барса, а на кафе муабет во хотел Христо Стоичков му рекол „дојди кај нас“.

После гол на Бернабеу во дресот на Интер, го барале и во Севиља, а после натпреварот му се јавил Давор Шукер, кој играше за нив пред да замине во Реал.

Малерозниот дрес на Интер можел да го замени и за оној на Манчестер Јунајтед. Алекс Фергусон кој бил воодушевен од тогашниот европски првак Ѕвезда, испратил факс во Милано. Но Дарко ги одбил за да им докаже на Италијанците дека грешат во однос на него.

Ја одбрал Италија бидејќи во тоа време била најпримамлива со играчи од калибарот на Марадона и Ван Бастен, но и најсилна. Имал потпишано преддоговор со Милан, но во едно поинакво време кога постоело право да се купат само тројца странци. 

Заминал во Интер, бидејќи таму сметал дека ќе добие поголема минутажа, со оглед на конкуренцијата кај росонерите, но погрешил во проценката.

Лошата атмосфера во соблекувалната ја забележал легендарниот Матијас Замер кој си заминал после само 6 месеци. На Панчев му рекол: Бегај, бегај од тука.

Тогашниот тренер Освалдо Бањоли за кој вели дека бил непознаница надвор од Италија, бил под притисок од страна на староседелците, во напад место Панчев, да игра Тото Скилачи, кој пристигнал од Јувентус. 

Инаку Скилачи со 6 гола е најдобар стрелец на СП 1990 кое се играше токму во Италија.

Македонскиот центарфор имал одличен старт со 5 гола на два меча против Реџана во Купот на Италија, второлигаш кој следната сезона влегол во Серија А. Но во третото првенствено коло, наеднаш завршил на трибини.

„Во прво коло во првенство игравме против Удинезе и загубивме 2:1, ама цела екипа игравме слабо. Во следно коло ни доаѓа Каљари, ама добар Каљари, а не како сега. Победивме 3:1 и јас одиграв добро. Не дадов гол, ама му асистирав на Бергоми. Од трето коло на 10 меча по ред бев на трибина. Тренерот не ме ставаше и јас нормално се побунив. Гледам дека тука нешто смрди“.

„Тој тренер тогаш беше мал за Интер. Мал за да гради голем тим. Беше добар италијански тренер и толку. Надвор од Италија никој не го знаеше. Мислам дека притисок му правеа Фери, Ѕенга, Дагостини и уште некои од постарите играчи како Бергоми кои беа староседелци во Интер. Притисок за да игра Тото Скилачи, а пази Тото игра на 32 натпревари таа сезона и дава само 4 гола како шпиц. Па тоа ли е успешна сезона? Јас играв на 12 и дадов еден гол од кои на 7-8 влегов како резерва. И сега не можам да кажам дали сум играл добро или лошо во Интер кога не играв. За да ја сумираш играта, треба да играш, да имаш некаков континуитет. Тоа младиве генерации не го знаат, појма немаат што ми се случуваше таму“.

„Во втората сезона газам на припреми и пазете каков пресврт се случува. Тренерот Бањоли на состанок во соблекувална на кој беше и потпретседателот Боси кој ми правеше најмногу проблеми, пред сите вели дека оваа сезона најголемо изненадување ќе биде Дарко“.

Но после натпревар на гости против Реал на кој Панчев дал гол, го уценувале со намалување на договорот и сакале да го продадат.

„На друг состанок Боси пред сите вели: Дарко нема да игра да не се повреди, планираме да го продадеме. И јас иронично пред сите на италијански велам: Тогаш најдобро да не доаѓам ниту на тренинг. Но бидејќи не го разбираат балканскиот хумор, тој ме гледа и вели, како да не доаѓаш на тренинзи? Јас му одговорив дека ако се повредам на натпревар, можам да се повредам и на тренинг. Некои од играчите ги забележав дека се смешкаат бидејќи ми ја сфатија иронијата“.

Во втората сезона, Интер се засилил со Денис Бергкамп, а Панчев ги открива првите впечатоци на легендарниот холандски напаѓач за играта на Интер, кој му ги кажал веднаш по првото коло.

„На првиот меч Денис Бергкамп се пресоблекува до мене и ми вели: Дарко што е ова? 90 минути само долги топки. Нема игра, нима ништо. Во прво коло одигра Денис 90 минути слабо, бидејќи немавме игра, а јас му велам: Види, ти играше во Ајакс каде се играше фудбал, јас во Ѕвезда каде исто се играше фудбал. Овде го нема тоа. И тој си замина после две години, а потоа се спаси и направи одлична кариера во Арсенал“.

„И ден денес ниту еден играч на Интер од тоа време не зборувал лошо за мене, бидејќи знаеа дека не играм поради други проблеми, а не според тоа дали можам или не. Ја знаеа вистината“.

„Вим Јонк кој беше добар играч од среден ред, кога ја заврши кариерата, даде големо интервју за нивен месечен магазин и во еден дел зборува за недостатоците во Интер. И самиот кажува, без никој да го форсира, Дарко кој е еден извонреден центарфор, воопшто не играше и јас и ден денес се чудам зошто. Тоа го кажува Јонк кој е величина во Холандија, а ниту се друживме, ниту се слушаме“.

Поради тоа што го зезале, втората сезона 1993/1994, Панчев во јануари отишол во Лајпциг на позајмица со цел да се врати во ритам, но поради неиграњето тешко се враќал во форма.

„Третата сезона во Интер за тренер дојде Отавио Бјанки кој беше еден од порангираните тренери во Италија, го водеше Наполи со Марадона и Скудето освоија. Одлично ги одработив припремите и во првите 7 кола играв стандардно. На клупа седеа Бергкамп и Рубен Соса. Играм стандардно и добро, на 7 меча давам 2 гола и поради тоа неиграње претходно, во 8 коло играме на гости против Фоџа и се повредувам. Ми пукна листот на стартот на второ полувреме, а тоа е многу тешка повреда. Скоро 3 месеци паузирав и сè отиде во бестрага“.

Панчев повеќе не ни сакал да разговара со потпретседателот Боси и кога се променила управата на чело со Морати која ја затекнал на крајот од сезоната, заминал по мирен пат, бидејќи планирале да градат нов тим.

„Во меѓувреме дојде Морати, кој беше многу коректен во однос на мене. Седнавме да разговараме и ми вели: Дарко знаеме за тебе дека беше одличен играч, но тоа што се случувало, се случувало. Да седнеме и да се договориме, бидејќи имав уште една година од договорот. Вели да го раскинеме и да си одиш како човек каде сакаш. Дури и ме пуштија да си одам како слободен играч. Знаете ли што му реков на тогашниот потпретседател на Интер од новата управа предводена од Морати? Фала богу што во Интер дојдоа нормални луѓе“.

На 29 официјални натпревари во Куп и првенство, Панчев за Интер дал 10 гола. Потоа раскажува дека му одело добро во Фортуна Дизелдорф, а со Сион во Швајцарија ги освоил Купот и првенството.

И покрај тоа што имал уште три години од договорот, честите повреди го демотивирале и решил да се пензионира на само 32 години.

11 ноември 2022 - 16:23