Почина најстарата навивачка на Интер

Марија Радаели која денеска требаше да наполни 114 години, почина вчера и ќе биде запаметена можеби и како највозрасна навивачка на еден фудбалки клуб.

Популарната баба и навивачка на тимот на Интер е родена на 3 април 1899 година и денеска требаше да наполни 114 години. Таа беше постара и од нејзиниот омилен клуб Интер кој е основан на 9 март 1908 година, кога Марија имала неполни 9 години.

Поранешниот фудбалер на Интер, Иван Кордоба ја посети славната баба во 2004 година, а таа се реши дел од својата пензија да го донира во Здружението за слепи деца кое беше формирано од страна на колумбискиот одбранбен играч.

Таа одлично се сеќаваше на легендарниот „Џузепе Меаца" по кој е именуван и стадионот во Милано, но нејзиниот идол беше Сандро Мацола, а во поново време Кристијан Виери кој и посвети гол постигнат против Јувентус. Во 2007 година се сретна и со капитенот на „Нероаѕурите", Хавиер Занети.

Минатата година за нејзиниот роденден доби торта со амблемот на Интер и дрес со бројот 113.

3 април 2013 - 13:32