Почесниот претседател на Баерн ќе работи како собар во затвор

Еден од најпознатите фудбалски работници во историјата на Германија, Ули Хенес се наоѓа зад решетки поради затајување данок, а во затворот ќе може и да заработува.

Со тоа што германското судство не признава „големи и мали“ кога вината е во прашање, уште еднаш се покажа нивната прочуена доследност и упорност.

Поранешниот светски првак со Западна Германија и легендарен фудбалер и претседател на Баерн Минхен издржува три ипол годишна затворска казна, поради затајување данок за кој ја оштетил државата со 27, 2 милиони евра.

Хенес беше осуден на крајот од минатата година, а правосилната одлука е донесена на 2 јуни, кога тој беше префрлен во затвор во германскиот град Ландсберг.

Како што пренесува германскиот Билд, поранешниот прв човек на Баварците ќе работи како гардеробер во затворските простории, со работно време од 9 до 15 часот, при што ќе заработува по 1 евро и 22 центи на час.

62 годишниот Хенес ќе ги менува чаршафите и постелината од креветите на затворениците, а за тоа ќе добива околу 8 евра на ден.

Тој секое утро ќе може да излезе од својата ќелија која е 10 квадратни метри и ќе почне да се грижи за хигиената во собите на затворските колеги.

Во меѓувреме Ули Хенес добил зелено светло за посети, а како први гости му се најавиле Франц Бекенбауер, Пеп Гвардиола и Франк Рибери, кој никако не можел да прежали што омилениот претседател е во затвор, а не во свечената ложа на „Алијанц арената“.

Голема почит кон почесниот претседател на Баерн покажа и Швајнштајгер, кој триумфот на СП во Бразил му го посвети нему.

14 август 2014 - 14:43