Перфектната партија која го убеди Лестер да го купи Канте

Најпосакуваниот фудбалер од среден ред кој игра фудбал од љубов, а не за Инстаграм има напредок во кариерата кој секој негов колега би го посакал. Неговите успеси не се заслужни, туку најзаслужни, а отскочна даска му е француското првенство и едно незаборавно издание против Марсеј.

27 февруари 2015-та. Олимпик Марсеј предводен од Марсело Биелса го пречекува Каен во 27-то коло од Лига 1. Домаќините водат жестока битка за место во Лига на шампиони, а гостите бегаат што подалеку од зоната за испаѓање.

Се работи за натпревар богат со потенцијални идни големи играчи. Марсеј ги има Менди, Ају, Паје, Батшуи, а Каен нема звучни имиња, освен едно екстра талентирано дете од среден ред со 23 години по име Н`Голо Канте.

До тој момент момчето од Париз со потекло од Мали ги одиграл сите првенствени натпревари, освен оној против Сент Етјен поради збир на жолти картони. Останатите 25 меча се совршен пример за своите квалитети: неуморно трчање, голема прегледност во играта и интелигенција.

На овие карактеристики мора да се додека она што ќе стане неговата најсилна точка, а тоа е крадењето топки. Но да се вратиме на мечот.

По негатива од 2:0, Каен успева да се врати резултатски, па дури и да направи пресврт и да победи со конечни 2:3. Канте одигра совршен натпревар кој го украси со асистенција до Сала за израмнување на мечот.

Ова сепак не е еден обичен меч од средина на сезоната помеѓу двете екипи кои се бореа за своите цели, туку клучен натпревар кој ги убедил скаутите на Лестер, кој за него плати 9 милиони евра.

Инвестиција повеќе од исплатлива, не само од финансиски аспект, бидејќи една година потоа од него од Челси заработија 35 милиони евра, туку и поради резултатите кои ги остварија со него.

На скромниот борец од среден ред во Премиер лигата му измерија дека трча во просек по 10 километри на натпревар и стигнува до брзина од 25 км на час.

По заминувањето од Франција стана прв играч после Ерик Кантона кој успеал да ја освои Премиер лигата две години по ред со две различни екипи.

Гери Линекер за него изјави:

„70% од земјата е покриена со вода, а остатокот од Канте“.

Погледнете го видеото кое може да служи како учебник за борбена игра во среден ред.

И покрај тоа што се стекна со голема слава, сепак тој е човек од народот.

2 ноември 2018 - 15:36