Пандев за Суперкупот против Јувентус: Ни го украдоа мечот, само така можеа да победат

Италијанските медиуми не го оставаат на мира Гоче и откако се пензионираше. По големиот триумф на Наполитанците над Ајакс од 1:6, интервју даде за Радио Кис Кис Наполи.

Македонската легенда играше во Наполи во периодот 2011-2014 со имиња како Хамшик, Лавеци, Кавани, Игуаин...и го освои Купот на Италија. Пропушти голема можност да го освои и Суперкупот кој се играше на 11 август 2012-та во Пекинг.

Тој беше меѓу стрелците за 1:2 кога со мајсторски потег го лобуваше Буфон, откако Кавани го отвори резултат, а Азамоа израмни. Но во 74-та минута Видал погоди од пенал и мечот се играше во продолженија во кои Јуве славеше 2:4 со автоголот на Маџо и погодокот на Вучиниќ.

Пандев доби црвен картон во 85-та минута, а потоа во 93-та минута исто и Ѕунига и Мацари.

За формата на Наполи

Многу сум среќен за навивачите и за тимот на Наполи, знам колку се трудат да направат нешто. Го играат најубавиот фудбал во Европа и не е лесно да постигнат толкму многу голови во Лига на шампиони. Имаат нови имиња и се надевам дека ќе продолжат така и ќе стигнат до некој трофеј кој го заслужуваат нивните навивачи.

За 22 годишниот напаѓач Џакомо Распадори кој веќе има 15 настапи и 5 гола за Италија

Се работи за млад играч кој има голем квалитет и карактер. Доаѓа од Сасуоло каде нема многу навивачи, а ги покажа своите квалитети пред жестоката публика на Сан Паоло. Ако Наполи те купи на таа возраст, тоа значи дека сака сериозно да инвестира во тебе и тие не промашуваат вакви засилувања.

Елмас?

Се работи за голем талент кој созреа многу. Му објаснив некои работи. Треба да остане смирен и да го слуша тренерот. Наполи е на прав пат за да освои важен трофеј. Ова може да биде вистинската година за Скудето.

Го прашаа и за црвениот картон во Пекинг во финалето на италијанскиот Суперкуп.

Се сеќавам добро на тој меч. Ни го украдоа и само така можеа да победат. Ни избркаа тројца.

Кога Игуаин даде поддршка за „Тумбе Кафе“ се знае по чија заслуга

6 октомври 2022 - 11:34