Пандев и Ангеловски ќе се простат од репрезентацијата против Холандија

Дојде и тој ден. Горан Пандев и официјално ќе го одигра последниот танц за македонската фудбалска репрезентација, а најверојатно ќе ја заврши и кариерата. Договорот на Мрме истекува после Европското.

Македонската фудбалска репрезентација в понеделник со почеток од 18 часот на Јохан Кројф арената ќе го одигра третиот и последен натпревар на ЕП 2020.

Во пресрет на мечот, на прес конференцијата се појавија капитенот и селекторот кои во иднина нема да бидат повеќе дел од репрезентативниот табор.

„Ова за мене е последен натпревар во дресот на македонската репрезентација. Јас и моите колеги на чело со селекторот направивме нешто што не знам дали некоја друга генерација може да го направи. Мислам дека ова е прав момент да се опростам од македонскиот дрес и да им посакам на овие момци да се пласираат на Светско првенство. Мислам дека оваа генерација може да ни донесе многу радости, бидејќи се работи за квалитетни играчи кои играат во големи тимови и мислам дека заслужуваат да играат на едно СП“, рече Пандев

На прашањето како се чувствува и како се носи со емоциите со оглед на фактот што утре ја завршува долгата репрезентативна кариера, Горан изјави:

„Секој меч за мене во репрезентацијата е емотивен и сигурно дека ова за мене ќе биде посебен натпревар. Се надевам дека ќе ги израдуваме нашите навивачи со еден поволен резултат. Среќен сум што се опростувам на едно големо натпреварување, бидејќи мојот сон, не само мој, туку на сите, се оствари и мислам деа поубаво простување од натпреварот против Холандија не можев ни да посакам и на тоа на ЕП на стадион како Јохан Кројф. Има емоции, но смирен сум, имам одиграно доста натпревари и знам како да се носам. Можеби по мечот ќе ми биде чудно, бидејќи не знам што ќе биде понатаму со мојата кариера. Среќен сум и задоволен што Македонија играше тука. Дај боже да завршиме со добар резултат“.

Инаку Пандев изјави дека неговиот договор со Џенова истекува ова лето и дека веројатно ова ќе биде и крај на неговата кариера. Но со неговите одговори на пресот како да остави малку простор дека можеби ќе остане да игра уште една сезона на клупско ниво. Го прашаа и кој ќе биде негов наследник на лидерската позиција

„Среќен сум што се опростувам со најдобрата генерација според мене во историјата на македонскиот фудбал со најдобриот селектор. Да играм на 38 години и за клуб и за репрезентација за мене е преголем товар. Оваа репрезентација има повеќе лидери. Тука се Стефан, Адеми, Барди, Елиф.

Барди и Елиф имаат пред нив уште многу квалификации и дај боже да одиграат уште многу европски и светски првенства. Сигурно дека тие треба да ја понесат репрезентацијата на свои плеќи. Верувам во нив бидејќи имаат карактер и квалитет и мислам дека заедно со Алиоски и со Даре Велковски ова е иднината на репрезентацијата“.

Селекторот Игор Ангеловски не сакаше да зборува за неговата иднина, туку само напомена дека ќе го одработи договорот со ФФМ кој му го продолжи на само 6 месеци од стартот на годинава заклучното со Европското првенство.

„Договор мој со ФФМ истекува и можам да кажам само едно големо благодарам пред сè на овој господин до мене што седи, најдобриот фудбалер во историјата на Македонија. Среќен сум што работев со таков капитен и таков човек пред сè. Знаеме каде бевме пред 5 и пол години, на кое место на ФИФА ранг листа, а ја донесовме Македонија на ЕП. Утре ќе го одиграме мечот максимално посветено, а за иднината не би сакал да говорам. Договорот ќе го одработам до последен момент професионално“

20 јуни 2021 - 22:48