Пандев: Четири дена не спиев после заминувањето од Џенова

По неочекуваниот трансфер во јануари во Парма, Горан Пандев ги објасни причините за заминувањето од Џенова, каде веќе не се чувствувал како дома. На лето става дефинитивно крај на кариерата.

Пандев се отвори за италијанскиот весник Ил Секоло во кое ја изразува својата разочараност за разделбата со Џенова, па дури вели и дека можеби погрешил што не се пензионирал минатото лето после деби настапот со Македонија на ЕП.

Македонската легенда беше убаво вдомен и многу почитуван во Џенова и од клубот и од навивачите. Таму го имаше и најдолгиот престој од шест и пол години откако е во Италија, но очигледно дека со смената на управата, некои работи не биле повеќе исти.

„Дали мислам на Џенова? Ме боли, се разбира дека ме боли. Не спиев првите четири дена после збогувањето. Не се плашев од испаѓање, туку во Џенова направија да сфатам дека повеќе не им требам. И така сфатив дека направив вистински избор за да се чувствувам уште жив“.

„Кога отидов во седиштето на клубот, видов среќни луѓе што ќе си одам. Жал ми е, но сфатив дека е готово. Кога им кажав за повикот од Парма на Зарбано, Спорс и другите раководни луѓе, никој не ми рече остани, помогни им на дечките, туку ми рекоа ако си решил да заминеш, тогаш оди. Се гледаше дека се задоволни. Последните три месеци се чувствувам како вишок. Тоа важи исто така и за други постари играчи. Не купија некои јаки играчи и важни имиња, туку се потпираат на младите. Тие се иднината, можат да станат феномени, но во фудбалот сè треба прво да се види“.

На лето во пензија?

„Овој пат да. Можеби погрешив што продолжив после Европското, но сакав да ја завршам кариерата пред навивачите на Џенова, нашата публика. Сега е најважно Џенова да се спаси, потоа ќе дојдам со задоволство на стадион да ги поздравам навивачите. Нема да играм на Италија – Македонија.

И покрај тоа што има 38 години, Пандев го постигна својот деби гол за Парма уште на вториот настап, на кој имаше и македонска поддршка. 

18 февруари 2022 - 12:53