Навивачите му поставија правила на Ерик Тохир

На Интер не му оди баш најдобро во Серија А. Последната победа ја оствари на 22 декември во градското дерби, а во моментов се наоѓа на шестата позиција со 11 бода заостанување до третото место кое води во ЛШ. Новиот газда доби инструкции од навивачите како понатаму.

Прво: Во Италија навивачите сакаат да имаат збор во секој аспект од менаџирањето на клубот. Тие немаат акции во клубот, но се сметаат за најважни акционери. Дали тоа што го бараат е законски или не, тоа нека го одлучи актуелниот газда. Што се однесува до ова, токму навивачите беа тие кои го стопираа апсурдниот и ирационалниот договор според кој 27 годишниот Гуарин требаше да го засили нашиот најголем ривал Јувентус во замена за 30 годишниот напаѓач Мирко Вучиниќ.

Второ: Има само два дена во годината во која навивачите на Интер сакаат да ги гледаат „Црно-белите“ од Торино, а тоа се првата и втората средба во Серија А. И толку. Интер не сака ништо да си има со „грбавите“. Тие може само да си обезбедат предност. Погледнете ги случаите во 2006 година со Ибрахимовиќ и Виера. Да се даде најдобриот играч во замена за четвртиот напаѓач на Јувентус не е некоја предност. Точно е дека на Интер му треба напаѓач, но сигурно ли Вучиниќ беше најдобриот и единствениот избор?

Трето: Рековте дека сакате револуција и дека ги имате вистинските решенија. Сега знаете дека склучување договори со Јувентус не е исто како со секој друг клуб. На тројцата функционери Марко Бранка, Пјеро Аузилио и Марко Фасоне не можете да им верувате. На презентацијата на Рубен Бота се појави само Аузилио, додека Бранка беше мистериозно отсутен.

И четврто: Патот до успехот има многу пречки. Клуб како Интер не може да си дозволи да плива по турбулентни води долго време затоа што ќе потоне. Интер е навикнат на брзи крстарења и за да го направи тоа потребни му се квалитетни играчи. Хернанес и Д`Амброзио се квалитетни фудбалери. За да се постигнат успеси потребни се поголеми инвестиции уште на почетокот.

Индонезискиот тајкун по речиси четири месеци престој во Интер имаше можност да се запознае со проблемите во клубот, но по овие строги барања на навивачите доби појасна слика за тоа како се сфаќа фудбалот на чизмата.

Истите барања во скратена форма тие му ги напишаа и на еден транспарент, а тоа е да не преговара за играчи со Јувентус и Милан, да стави човек од доверба во раководството, а претходниците кои останаа од времето на Морати веднаш да си одат дома.

5 февруари 2014 - 18:17