Најголемите фудбалски клетви

Како тргнале работите, Бенфика ќе почека за европски пехар до 2062 година. Проклетите зборови на Гутман не успеаа да ги побијат ниту пеналџиите на португалскиот шампион. Гардијан ги има најинтересните вакви стории, но ако Жорже Жезус сака да остане тренер никако да не моча на терен.

Кога во далечната 1895 година Дерби Каунти го градел својот стадион, група на Роми морале да се отселат од тоа место, но тие си заминале во стилот на Гутман и го проколнале клубот никогаш да не го освои ФА Купот.

Фудбалерите на Дерби за шест сезони три пати стигнале до финалето, но од сите три меча си заминале со наведнати глави. Во 1946 година клубот стигнал до четврто финале, но капитенот на клубот го нашол лекот и пред мечот им дал пари на Ромите. Средбата се играла во продолженија, а фудбалерите на Дерби на крајот славеле со 4:1.

Втората приказна ни доаѓа од второлигашко норвешко дерби помеѓу Алта и Хамерфест. Гостите го загубиле мечот, но за виновник го прогласиле судијата по кој удриле со дрва и камења за судењето во сите медиуми.

Тој побарал извинување од клубот, а доколку не го добие рекол дека ќе ги загубат сите натпревари и на крајот од сезоната ќе испаднат од лига. Тренерот на Хамерфест го игнорирал затоа што на неговиот тим добро му одело, но потоа следела криза во тимот.

Тврдоглавиот тренер не се извинил и побарал помош како да ја скине клетвата. Добил разни совети како на пример адетот со жртвување риба на свет камен, но ништо не му успеало и на крај неговиот тим не успеал да избори опстанок.

За проколнат се смета и колумбискиот тим Америка де Кали, а тоа се случило во 1948 година откако нивниот најголем навивач се противел клубот да стане професионален. Неговата клетва била никогаш да не стане шампион.

Тоа траело се до 1979 година. Навивачот се сожалил и со уште неколку навивачи извршиле обред на стадионот на кој го бркале ѓаволот. По една година Америка станала шампион и наредила 13 титули. Но изгледа има уште некој ѓавол во клубот, затоа тој не станал ниту еднаш континентален првак, а играл четири пати во финалето на Копа Либертадорес.

Една од поновите клетви е онаа на Австралија која е скината во 2005 година, а се претпоставува дека е фрлена во 1969 година по квалификацискиот натпревар за СП 1970 против Зимбабве.

За овој важен меч тие ангажирале врач за да им помогне да победат, но откако не му платиле за услугата, следела клетвата. Австралија потоа не го победила следниот противник и не се пласирала на Светско. 

На следниот Мундијал во 1974 година Австралијците се вратиле дома без постигнат гол, а следниот настап го дочекале по дури 32 години, откако познат водител од оваа земја за проблемот отишол да го решава во Зимбабвме. Австралија потоа се пласирала на СП 2006, 2010, а ќе патува и во Бразил. 

Стратегот на Бенфика синоќа го загуби второто финале во низа во Лигата на Европа или вкупно осмо во Европа по клетвата на Гутман, но тој подобро нека не верува во бајачки и разни начини на кинење клетви. 

Кога очајниот тренер на Бирминген, Бери Фрај не можел да победи три месеци, решил да моча во сите четири ќошеви од теренот, а кога го прашале дали тоа се исплатело, одговорил: Почнавме да победуваме, ама ме избркаа од тимот.

15 мај 2014 - 18:29