Македонски фан клуб на Рома

На Рома – Јувентус со романисти од Македонија

Како големи љубители на спорт, особено фудбал секојдневната наша пасија и обврска ни е да ви го пренесеме најинтересното, најзабавното за читање и тоа што сметаме дека е најуникатно за Офсајд. Но фудбалот носи многу страст и емоции, а тоа ќе ви го раскажат наши деца кои патуваат илјадници километри за својот омилен клуб.

Петар Неделковски студира и работи како келнер, Џули Јашари е по професија наставничка, Никола Велковски ги тренира најмладите во Академијата на РК Вардар во Кисела Вода, а Јованка Атанасовска е студент по руски јазик. Овие луѓе ги поврзува една страст која се вика Рома и која пред четири години им стана заедничко хоби.

На фан страната на Фејсбук ги има околу 500, но 70 од нив членуваат во официјалниот Македонскиот фан клуб на Рома. Претседател им е Борче Христовски од Битола кој е правник и мотор на целата организација. На Петар романисти од Хрватска му рекле дека е енциклопедија за Рома, а Никола добил дрес од Љајиќ преку фудбалер на Рома кој се познава со голманот на Удинезе, Жељко Бркиќ.

Како почнавте да се собирате?
Никола: Прво направивме група на Фејсбук и додававме луѓе кои знаеме дека навиваат за Рома, но на почеток кога постиравме работи за Рома немаше возвратна реакција од никого. Мислевме дека повеќето се само симпатизери, но потоа направивме затворена група, отворавме дискусии за натпреварите и сите почнаа да коментираат.

Петар: Се сеќавам дека првиот меч на кој се собравме заедно да гледаме беше на градското дерби против Лацио, Луис Енрике кога стана тренер. Мислам дека во групата предлогот го даде Никола или Горан. Се пријавија 6-7 луѓе, но изненадувачки се собравме околу 15.

Џули: Ме додаде еден од членовите во групата на Фејсбук, месец - два по почетокот на целата приказна. Не бев на првите неколку средби, а првиот натпревар што го гледав беше во 2012-та кога ја гледавме Интер - Рома 1:3. Сонот да одам на Олимпико веројатно ќе ми се оствари во мај, кога со едно школо за странски јазици ќе одиме на екскурзија во Рим. Се надевам дека ќе ја гледам Рома – Џенова тој викенд, а веќе стапив во контакт со пријател кој ќе ми набави карта за тој натпревар.

Го паметите ли резултатот од првата собиранка?
Петар: На првата изгубивме 2:1. Рома поведе со голот на Освалдо, потоа Лацио израмни од пенал и после 90-та сите чекавме крај. Се сеќавам дека имав ливче на кое ја чекав 3+, но го искинав и го фрлив пред третиот гол. Сите ми викаа зошто го кинеш има уште време и Клосе даде гол во 93-та минута. Потоа ги баравме деловите од ливчето, но јас реков нема потреба бидејќи не сакам такви пари.

Продолжија ли дружбите после дербито?
Петар: Да, Никола потоа праша, дали сакате да се собираме само за дерби или секоја недела, но рековме зошто тоа да биде само за дерби, бидејќи ние одиме да ја гледаме Рома, а не другите. Потоа оставивме да организираат и да бидат одговорни постарите и полека стана пракса. По таа средба почнаа спонтано да се собираат во Велес, во Битола, во Тетово, Охрид. Сите тие членуваат во нашата фан група и се собираат и гледаат во многу градови во Македонија. Некои понекогаш доаѓаат во Скопје за да гледаме заедно, како што е вечерва со момците од Велес. Минатото  лето имаше собир и во Струга кога имавме пријателски меч против Манчестер Јунајтед. Ни се јавија Стружаните. Кај сте? Во Охрид на одмор. Ви се гледа ли фудбал? Ни се гледа, се собравме во еден кафиќ, но немаше тв, вадевме мобилни, полначи, лап топи и стававме картички со интернет, па ни сецкаше. Но топ си поминавме, иако изгубивме 3:2 сепак тој меч беше дел од подготовките во САД.

Почнавте на Фејсбук, па дружбата се префрли на заедничко гледање секое коло. Кои беа следните предизвици за групата?
Петар: Следно беше формирањето на официјален фан клуб, а за тоа се најзаслужни Борче од Битола кој ни е претседател и Никола. Во 2012 година станавме официјален фан клуб во Македонија, а на крајот од минатата година собравме документи и станавме официјален клуб и во Италија од каде ни стигнаа и членски карти со кои станавме членови на Унија на навивачи на Рома каде членуваат сите официјални фан клубови од цел свет. Релативно сме млад фан клуб, 4 години, ама имаме убави дружби.

Кој од вас ја гледаше Рома за прв пат во живо?
Горан: Обично во Италија одиме на гостински натпревари, а инаку прва на Олимпико во Рим беше Ане на Рома – Киево 1:0 кога Бориело беше стрелец. Тоа беше кога победивме на 10 меча по ред и срушивме рекорд.

Петар: Јас прв пат бев во 2013-та во Удине кога тепавме исто 1:0 и тоа беше всушност деветта победа по ред и најава за рекордната десетта. Шон Бредли го даде голот, го памтам тој момент бидејќи во срце ми е врежан, а инаку бевме со играч помалку бидејќи Мајкон доби црвен картон. Инаку да се пофалам, следниот викенд повторно одам за Италија и повторно на гостување, на мечот Киево – Рома.

Петар: На Милан – Рома исто така беше и Пеце од Битола. Тој беше со навивачи на Милан, но си седнал на страната на Рома. Тоа беше меч од Серија А.

Јованка: Во Скопје ја гледавме Рома на гостување, против Вардар накиснав на исток, врнеше истураше. Сега само Олимпико доаѓа предвид.  Строго на Олимпико, не ми се оди на гостување, затоа што таму е врвот и морам да го доживеам, барем додека уште не изградиле нов стадион како што се најавува.

На истиот меч пред 10 години на Градски стадион бил и Никола кој едвај влегол откако вратите се затворале.
Тренирав ракомет и веднаш од тренинг шпринт накај Градски. Мечот беше почнат и редарот не ме пушташе да влезам, нормално затоа што немав карта. Плачев од мака, го молев, пустев, викам ќе ти ја оставам торбицава земи ја, носи ја, само да влезам. Некако се смилува и ме пушти. До крај на мечот не трепнав. Ден-денес сум му лут на татко ми што не ме однесе до Александар Палас да се сликам со фудбалерите на Рома“, вели Никола.

Дали ви сметаат коментари, својствени за нашето подрачје, дека имате наши, домашни клубови, а вие навивате за странски и тоа официјално, со знамиња, со шалови?
Петар: Мене тоа ми се случи на Вардар – Рома во Скопје. Иако уште бев дете, толку пцуење и клетви претходно во животот немав слушнато на моја сметка од Македонци. Што ќе ми е Рома, кога сум го имал тука Вардар. Мојот одговор беше контрапрашање: Како тоа вие може да го сакате Вардар, а јас не можам Рома? Вардар е македонски клуб. Абе дечко, што знаеш па ти за Вардар? Од мал. Епа и јас знам за Рома од мал. Татко ми зел даљинското, пуштил фудбал на телевизија и ја сум ја засакал Рома.

Никола: До некаде и тоа им држи вода, во ред е, ги сфаќам. Меѓутоа има друга работа. На пример фан клубот на Рома од Торино е еден од најјаките во Италија и што треба нив да им речат „Гледајте каква шампионска екипа имате во градов, вие навивате за Рома“? Цела Азија навива за клубови од Серија А. Во Индонезија и Филипини Јувентус се сака како што не се сака во Италија, го гледаат организирано во големи сали, со кореографии, со триста чуда. Со што заслужил Вардар да навивам за него? Против кого? Против Пелистер и Работнички? Зошто не направат нешто да влезат во групи, да играат редовно во Европа? Ракомет не навиваме за Фленсбург, туку навиваме за Вардар, ама направил успех, стигнал до некое ниво.

Зошто Рома и како влезе ти во групата?
Јованка: Главна причина поради која почнав да ја гледам Рома беше Винченцо Монтела, „авиончето“. Тоа беше Скудето годината. После него немам омилен играч, затоа што сите ми се еднакво драги. Што се однесува до фан клубот, и мене ме додадоа подоцна, Никола ме уфрли во групата, а јас не седев многу на Фејсбук во тоа време. Не читав што се пишува во групата, си викав којзнае што е ова. И Никола ме праша дали знам дека се собираат и заедно гледаат, а јас му одговорив дека не одам каде што не ги познавам луѓето. Ми вика сите навиваат за Рома, што ако не ги знаеш, нема врска тоа.

Како реагираат Италијанците кога ќе им кажете дека доаѓате од Македонија?
Петар: Кога лани го тепавме Лацио, им пративме видео на кое се радувавме, а тие напишаа дека не слави само Рим, туку и Скопје. Беа изненадени кога не видоа со шалови, знамиња и бакљи. Тоа видео беше споделено и на една од најпознатите Фејсбук фан страни на Рома Voce Gialorossa (Глас на жолто-црвените), за која Никола има дадено интервју.

Никола: Не очекуваат кога ќе не видат како сме организирано тука и кога им праќаме слики на Фејсбук секогаш има убави реакции.

Петар: Кога бев во Удине бев на трибината за неутрални навивачи за каде успеав да најдам карта, а од истиот влез влегуваа и Романистите од Рим кои потоа влегоа на трибината за гостински навивачи. Кога на врата го покажав пасошот и кога прочитаа дека сум од Македонија, ми се поклонуваа и ме прашуваа па зарем од таму си дошол да ја гледаш Рома, па зарем и таму ли ве има? Јас им реков дека има многу, но за жал не се во можност да дојдат. Мене почнаа солзи да ми течат, не можев да верувам што ми се случува. Дечкото на врата ми рече следен пат да дојдеш на Олимпико во Рим на Курва Суд, јас се ќе ти платам за да дојдеш тоа да го видиш.

Никола: Истата година кога беше Петар во Удине, јас бев на Сан Сиро, на полуфиналето од купот меѓу Интер и Рома кога резултатот беше 2:3.  Стадионот во Милано е поделен во три прстени, јас имав карта за вториот прстен, а гостинските навивачи беа во третиот затворени со стакло. Јас бев со околу 15 навивачи на Рома кои исто така немаа карти за гостинскиот сектор. Околу нас имаше полно навивачи на Интер кои седеа и не навиваа. Седев на трибината со другар што живее во Милано, но му реков дека сакам да одам горе и да навивам. Почнавме да навиваме двајца и бев под навивачката група на Рома, а потоа ги викнавме и тие 15 навивачи на Рома кои се плашеа да навиваат. Откако навивавме цел меч 90 минути и славевме победа, сакав да се симнам доле за да ги сликам играчите од поблиску. Имавме македонски знамиња, но и покрај тоа што Пандев играше кај нив, тие не ги препознаа и мислеа дека се знамиња на Рома поради црвената боја. Почнаа да не напаѓаат, но реагираа редарите и не носеа горе кај Романистите. Како што не носеа погоре, тие одеа по нас и беа околу 100 луѓе, па мораше да интервенира и полицијата. Навивачите на Рома кои беа над нас почнаа да реагираат и да не поддржуваат, а тие 15 кои беа со нас почнаа да не штитат. На крај чекаа да се испразни стадионот за да излеземе заедно со сите навивачи на Рома и кога се симнувавме надоле цела трибина ни даваше аплауз.

Сте се запознале ли со некој играч?
Петар: Во 2013 година тука гостуваше Данска, а јас Никола и Ѓорги отидовме да се сликаме со Кјаер и Ериксен. Кјаер ни беше бивши играч, а Ериксен има изјавено дека е навивач на Рома и дека на Сони Плејстејшн секогаш игра со Рома. Тоа не поттикна да се сликаме со него, иако не е играч на Рома.

Никола: Јас му пријдов и му реков дали може да се сликаме, бидејќи знам дека навиваш за Рома. Тогаш уште не беше отиден во Тотенхем.

Петар: Потоа на италијанските фан страни кога ја пративме сликата на која ние бевме со шалови на Рома, навивачите рекоа дека доколку потпише Ериксен за Рома, овие момци ќе бидат најзаслужни за неговиот потпис.

Офф.нет се обиде во истата вечер да седне на чашка муабет и со членовите на Фан клубот на Јувентус, но тие ни рекоа дека сме добредојдени на реваншот од ЛШ со Борусија Дортмунд, затоа што Серија А веќе не им била предизвик и масовно се собираат само кога Јуве игра во Европа. Романистите и Јувентините еднаш дури и заедно гледале меѓусебен меч

Никола: Они гледаа во кафичот Лајк пред нас. Ланската сезона предложија да гледаме заедно, ние дојдовме, но тие беа побројни и погласни. Атмосферата беше напната, но и покрај тоа ги поканивме следниот пат ние да бидеме домаќини. Не дојдоа.

Од регионалните фан клубови на Рома, Петар вели дека со Србите и Хрватите имаат интензивен контакт, а лани од Белград ги викнале да дојдат на фудбалскиот турнир, на кој играат сите фан клубови од таму.

„Не отидовме затоа што поканата ни стигна многу доцна и немавме време да се организираме. Едно време имавме во план ние да го изведеме овде, меѓу македонските фан клубови, но инцијативата не се реализираше. Се надеваме сега, со ваша помош од Офф.нет дека ќе може да организираме еден турнир во фудбал. Да не заборавам уште една пикантерија, при последното организирано одење во Италија со хрватскиот и словенечкиот фан клуб на Рома. Околу 15-20 Словенци вадат словенечко знаме, Хрвативе беа околу 30-40 со шалчиња на Рома околу нив и јас единствен од Македонија извадив големо покривно македонско знаме. Тоа беше причина Словенците цел пат да ги прозиваат комшиите, како еден Македонец толку километри со себе го носи своето два метарското знаме, а тие 40 души немаат ниедно – додава Петар.

Кога ќе биде следната поддршка за Рома во живо од Македонскиот фан клуб?
Никола: Сакаме во мај да одиме на Рома – Лацио. Тој викенд (24 мај) е споен со понеделник кој е неработен, тогаш се игра претпоследното коло.

Јувентус - Рома заврши 1:1, а ние го снимивме моментот кога израмни нивниот омилен клуб.

3 март 2015 - 15:09