Може ли Интер да го тргне Јувентус од тронот?

За разлика од минатата сезона кога Конте имаше примедби до управата дека не ги добил бараните засилувања, овојпат Бепе Марота му ги овозможи искусните играчи кои дополнително ќе го продлабочат составот. Ако остане Шкриниар во тимот, Интер ќе биде сериозен фаворит за скудето.

Јувентус одигра скромна сезона, а во новата влезе со тренер-дебитант кој поради паузата немаше време да ги спроведе своите идеи во дело на летни припреми. Првпат за седум-осум години Серија А ќе изгледа неизвесна, а Интер е главен конкурент на Јуве.

Нераѕурите одработеа добар преоден рок летово, факт е дека екипата стана посилна.

ИНТЕР ИМА ПО ДВАЈЦА ИГРАЧИ НА СЕКОЈА ПОЗИЦИЈА

Минатата сезона ги откри сите слаби страни на миланскиот гигант. Заедно со Шкриниар играше 20-годишниот стопер Бастони, а на десно крило Мозес или Кандрева. На Интер му фалеше рамномерна распределба на квалитетот па и длабочина.

Недостатоците се совпаднаа со економската криза поради глобалниот вирус, па Интер во преодниот рок летово се ограничи само на она што му беше неопходно.

Прво големо засилување беше Ашраф Хакими, офанзивниот десен бек од Реал Мадрид кој блесна во Борусија Дортмунд. Во среден ред на Раџа Наинголан му се придружи неговиот ортак „по касапење“ Артуро Видал. Левото крило ќе го покрива повратникот Перишиќ, дојде и Коларов кој веќе заигра и како стопер кај Конте. Во напад Интер го откупи договорот на своето дете Пинамонти кој лани постигна 7 гола.

Сега Интер има по 2 квалитетни играчи на секоја позиција: Хандановиќ, Коларов (Бастони), Де Врај (Ранокија), Шкриниар (Д’Амброзио), Брозовиќ (Сенси), Барела (Видал), Перишиќ (Далберт), Хакими (Ешли Јанг), Ериксен (Наинголан), Лаутаро (Алексис Санчез), Лукаку (Пинамонти).

„Минатата сезона разликата ја направи недостигот на техника и динамика. Во секоја линија Интер имаше играчи без искуство. Коларов и Видал конечно го решија тој проблем. Враќањето на Перишиќ беше неопходно“, вели поранешниот тренер Корадо Орико за Sky Sport.

ДАЛИ СЕ РЕШЕНИ СИТЕ ПРОБЛЕМИ?

Бепе Марота одработи добар трансфер пазар. Одбраната на Интер минатата сезона не беше сјајна, Диего Годин ни малку не личеше на оној гранит од Атлетико Мадрид. Шкриниар се губеше во формација со тројца стопери, а Бастони периодично играше добро.

Одбраната на Интер се потпираше на Стефан Де Врај како главен стопер но на овој дел од тимот му требаше корекции.

Во меѓувреме Конте реши дека за Годин нема место и го продадоа во Каљари, исто го чека и Ранокија, а се шпекулира и дека Тотенхем спрема понуда за Шкриниар (наводно Мурињо бил многу загреан да го донесе во Лондон). Во случај Словакот да замине, Конте би имал нови дупки во одбраната.

Во моментов Интер во ростерот има четворица стопери од кои еден е на излезна врата (Ранокиа). Покрај класичните стопери Шкриниар и Бастони, тука се уште и универзалните бекови Коларов и Д’Амброзио. Интер размислува во случај Словакот да биде продаден, да се обиде да го доведе Миленковиќ од Фиорентина но тоа е во домен на шпекулации.

„Шкриниар е импресивен, тој може да се адаптира во игра со тројца стопери. Затоа ме чудат преговорите со Тотенхем. За да се откажеш од таков играч, ти треба достојна алтернатива, но не мислам дека Интер нашол некој подобар од Шкриниар. Милан е многу јак. Комотно му е и во игра со четворица дефанзвици но во последните месеци се навикна и со тројца“, вели Масимо Амброзини во студиото на Sky Sport.

Во првото коло од Серија А, Фиорентина му направи многу проблеми на Интер и видно беше дека играта со тројца позади не е баш уходана: примија три ола и тоа првиот по грешка на Д’Амброзио кога Коларов остана сам против двајца и немаше што да бара. Кај вториот гол на гостите, Бастони погреши во поставување а истиот играч лошо беше поставен и при третиот гол.

Кога средниот ред е во прашање, таму за Конте „нема зима“. На одличните од минатата сезона Сенси, Ериксен, Барела и Брозовиќ им се приклучија Раџа Наинголан и Видал кои имаат многу искуство но прашање е колку се физички подготвени.

Факт е дека Конте има 27 фудбалери на располагање и не би требало да се жали како на крајот од минатата сезона.

Интер играчки многу му се приближи на Јувентус по квалитет и има реални шанси за скудето. Екипата е спремна да игра на неколку фронта, има длабока ротација и енергија за долга сезона.

Мората му ги донесе на Конте потребните искусни играчи кои во формации 4-3-3 и 4-2-3-1 би требало да ја изнесат сезоната успешно. Но за многу работи се прашува и шампионот Јувентус. Многу работи зависат и од нивната сезона.

30 септември 2020 - 12:18