Морати се премисли и врачи 19-ти отказ

По поразот од Јувентус, претседателот на Интер, Масимо Морати тврдеше дека Клаудио Раниери ќе остане до крајот на сезоната. Не поминаа ни 5 часа, а тој го најми и петтиот тренер за последните 15 месеци.

Официјално, Клаудио Раниери не заработил отказ, туку тој се согласил да му биде раскинат договорот, со што Интер би заштедил пари за отштета на предвремено раскинатиот договор кој му истекуваше во јуни 2013-та година.

А само пет часа претходно Морати на новинарите им изјави дека Раниери ќе остане во клубот до крајот на сезоната и покрај лошите резултати.

Чашата ја прели поразот во дербито на Италија од големиот ривал Јувентус, што беше и 12-ти пораз оваа сезона, со што на Интер му недостига само уште еден за да го израмни негативниот клупски рекорд од 1948-та година.

А добро му тргна на Раниери. По лошиот старт со Гасперини, Интер со доаѓањето на Раниери нанижа 7 победи, а меѓу нив беше и победата над Милан. Но потоа се си се врати по старо.

Најверојатно не ни можеше да се очекува многу од Раниери. Тоа е тренер кој во својата кариера има водено неколку големи клубови, како Фиорентина, Валенсија, Челси, Јувентус, Рома и Интер и нема освоено ниту една шампионска титула (само два купа), а во Интер тврдоглаво се држеше до старците во својот тим и просечната старост на првотимците на некои натпревари беше 32 години.

Ова беше 19-та тренерска смена од ерата на Морати во Интер, а клубот доби петти тренер за 15 месеци, односно по напуштањето на Мурињо. Тоа е младиот Андреа Страмачони.

Кој е Андреа Страмачони?
Медиумите од Италија веќе му најдоа и прекар. Тоа е „италијанскиот Вилаш Боаш". Тој во јануари наполни 36 години и е за 2 години помлад од капитенот Занети.

Андреа Страмачони заради проблеми со коленото се откажал од активно играње фудбал уште на 24 години и веднаш започнал со тренирање младински клубови. По водењето на неколку локални младински тимови, тој работел со младинците на Кротоне и Рома, пред да се пресели во Интер на почетокот од оваа сезона.

Овој викенд тој со Примавер младинскиот тим го освои NextGen првенството, односно младинската верзија на Лигата на шампиони, совладувајќи го Ајакс на пенали.

Страмачони е најавен само како привремено решение, но доколку се докаже, тој можеби и ќе се задржи подолго на тренерската клупа.

Медиумите од Италија направија интересна паралела со начинот на кој Раниери го напушти Јувентус. Исто како и во Интер, тој беше наследен од тренерот на младинците, Чиро Ферара кој требаше да биде само привремено решение, но на клупата седеше на 30 натпревари.

27 март 2012 - 10:06