Монпеље тагува по човекот кој ги направи француски Лестер

Најпознатиот урбан лик во фудбалска Франција, Луи Николан почина на 74 години од срцев напад во ресторан додека славел роденден.

„Ќе ни фали“ е насловот на реномираниот L'Equipe по веста за ненадејната смрт на човекот кој обележа една ера на францускиот клупски фудбал. Луи Николан го привлече вниманието на светската јавност откако на прославата на титулата со Монпеље во 2012-та реши со дречливи бои да ја офарба косата.

Таа година Николан со својот клуб го направи најголемиот успех во клупската историја откако ги претрка шеиците од Пари Сен Жермен (нивна прва година во Париз) и ја освои титулата. Успехот беше до толку голем ако се знае дека Николан во само четири години го внесе клубот од втората лига во Лига 1 и го направи првак (Оливие Жиру беше прв стрелец со 21 гол и потпиша со Арсенал).

Под негово водство, Монпеље во 1990-та го освои францускиот Куп а во составот Николен имаше фудбалери како Ерик Кантона, Лоран Блан и Жулио Цезар.

Во претседателската фотелја седнал во 1974 година а Монпеље тогаш бил подпросечен аматерски фудбалски клуб.

Николан покрај Монпеље, бил сопственик и на еден клуб за велосипедизам и еден за автомобилизам. Секој фудбалски работник од светот кој доаѓал во Франција имал желба прво да се сретне токму со харизматичниот газда, па така и претседателот на Италијанскиот фудбалски сојуз Карло Тавекио кој се провози низ музејот на Монпеље со газда Николан.

Неговите изјави секогаш беа контроверзни, искрени и во центар. На пример кога ја освои титулата за Карло Анчелоти тогашен тренер на ПСЖ изјави:

„Попрво за тренер би го земал Курби, затоа што големи тренери се оние кои освојуваат титули со просечни фудбалери. Курби го внесе Монпеље во прва лига со монголоиди“.

Николан бил фудбалски фанатик кој имал колекција од повеќе од 4.000 дресови на фудбалери и други спортисти. Ја шокираше јавноста и со изјавата дека фудбалерот Беноа Педрети бил педер, а подоцна се извини и кажа дека нема проблем со хомосексуалците сè додека „оставаат повеќе птици за нас останатите“.

Пораки со сочуство стигнуваат на адреса на Монпеље и на семејството и пријателите на Николан. Од својот омилен лик се простија Марио Лемина од Јувентус, Фаузи Гулам од Наполи и Мбаје Нианг од Милан.

30 јуни 2017 - 16:52