Минимален напредок на Македонија на рангот на ФИФА

Македонската фудбалска репрезентација скокна едно место на најновата ранг листа на ФИФА објавена денеска.

По триумфот над Словенија и поразот од Полска, македонскиот национален тим рипна на 68-та позиција на октомвриското рангирање.

Словенија клизна 7 позиции и сега е 65-та, а двете селекции меѓу нас и нив се Обединети Арапски Емирати и Албанија.

Од другите нашите противници во квалификациската група за ЕП 2020, Полска е најдобра на 21-во место, Австрија е 25-та, Израел 89-ти, а Летонија на 143-та позиција.

Селекцијата на Косово со која ќе се сретнеме во полуфиналето од Лига на нации во март идната година е 114-та фудбалска земја во светот.

На врвот и натаму е Белгија, по која следуваат Франција, Бразил, Англија, Уругвај, Португалија, Хрватска, Шпанија, Аргентина и Колумбија.

24 октомври 2019 - 11:17