Милан ги моли навивачите да дојдат на дерби

Лошата форма на Милан се одрази и на бројот на навивачите. Трибините на Сан Сиро на изминатите натпревари беа празни, па сега тие прават очајнички обиди за да ги привлечат навивачите за претстојното дерби против Интер.

Заминувањето на Златан Ибрахимовиќ и Тијаго Силва и не наоѓањето на нивни замени и тоа како се одрази на резултатите на Милан, а лошите резултати предизвикаа огромно незадоволство кај навивачите.

Голем дел од нив го искажаа своето незадоволство со бојкотирање на натпреварите. На првиот домашен натпревар оваа сезона против Сампдорија присуствуваа 49.000 навивачи. Милан загуби со 0:1 и на следниот натпревар против Аталанта присуствуваа 34.763 гледачи. Тие повторно загубија со 0:1, па на следниот дуел, односно првиот натпревар од Лигата на шампиони на домашен терен против Андерлехт на Сан Сиро имаше само 27.000 гледачи.

Такво прекрасно фудбалско здание со капацитет од 80.000 гледачи, изгледаше многу жално со сите тие празни седишта.

Оваа недела Милан ќе се сретне со градскиот ривал Интер, но на билетарите се уште има премногу непродадени влезници на само три дена до натпреварот. Ова се нема случено со години во Милано.

Токму затоа челниците на Милан се одлучија за еден очајнички обид и преку видео на својот ТВ канал ги замолија навивачите да дојдат на стадион и да им дадат поддршка на неделното дерби против големиот градски ривал.

4 октомври 2012 - 10:19