Македонија останува 65-та на ФИФА, а дома две години игра како прав газда

Нема промени за македонската фудбалска репрезентација на најновото рангирање според ФИФА, за што многу не се потресовме со оглед на тоа што годинава остваривме епски успех за паметење.

На последната ранг листа на ФИФА, Македонија останува на истата 65-та позиција зад Хондурас, Црна Гора и Словенија, а пред Албанија, Саудиска Арабија и Бугарија.

Ова рангирање следува по ноемврискиот циклус од три меча на кои ги победивме Грузија на историското финале за пласман на ЕП и Естонија, а потоа загубивме од Ерменија со што останавме без шанси за бараж за Мундијалот 2022 преку Лига на нации.

Од нашите противници на ЕП 2020, најдобро котира Холандија која е 14-та фудбалска земја во светот, а потоа се Австрија како 23-та и Украина како 24-та.

На првите шест места нема промени, што значи Белгија е прва пред Франција, Бразил, Англија, Португалија и Шпанија. Напредок од едно место има Аргентина која сега е седма пред Уругвај, а по две позиции скокнаа Мексико и Италија кои ја заокружуваат топ 10 листата.

На тема македонска фудбалска репрезентација обрнете внимание на твитов. Па кога претходно сме имале ваков скор на домашен терен остварен во две години? 8 победи, 1 реми и само 2 порази.

27 ноември 2020 - 13:24