Луис Кампос - Најпознатиот ловец на таленти кој е повеќе во авион отколку на земја

Човекот кој може да работи буквално сè во еден клуб: од тренер до фитнес-инструктор и скаут, направи првокласни чуда. Од непознати играчи створи ѕвезди кои подоцна им донесоа стотици милиони на клубовите.

Најголемите европски клубови меѓу кои Барселона, Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Сити, ПСЖ и Милан во последните години постојано се поврзувани со Португалецот Луис Кампос - човекот кој со одличен њух за млади таленти направи неколку чуда.

СО МУРИЊО СЕ ЗНААТ ОД МЛАДИ ДЕНОВИ И СЕ БЛИСКИ ДРУГАРИ

Луис Кампос е роден на северот од Португалија во селото Фау кое има 3.000 жители. Од детство се занимавал со фудбал но никогаш не заиграл професионално, па се свртел кон образование и завршил факултет за физичка култура на универзитетот во Порто.

На тој факултет студирал и Мурињо.

Првпат почнал да оди на пракса во младинската екипа на Еспосенде, потоа бил фитнес специјалист во Ешпињо (на времето прволигаш), а во Леириа стигнал до позиција помошник тренер. Таму и дебитирал како главен тренер на 27 години.

Искуството од различните професии му помогнале да ја развие кариерата, го познавал целиот работен процес во еден клуб од внатре.

Како тренер сакал напаѓачки фудбал со посед на топка. Со Жил Висенте ја прекинал серијата на Порто на Мурињо од 27 меча без пораз во април 2004-та.

Но отворениот фудбал не му носел резултати. Во 2002/2003 ја тренирал Виторија Сетубал, потоа и Варзим и со двата клуба испаднал од Примеира. Во 2005-та во втора лига завршил и со Беира Мар.

Поради овие неуспеси новинарите го завикале campa или тренер-гробар на португалски. 

Откако неуспешно водел уште пар клубови, во 2005-та исчезнал од фудбалот и се ориентирал кон бизнис. Вложил пари во ресторан на плажа во градот Еспосенде. Добро стоел финансиски и привремено работел како педагог во едно локално школо.

„За 20 години колку што сум во фудбалскиот свет, луѓето се изменија на лошо. Квалитетот на фудбалот порасна, ама се изменија личностите“, рекол Луис Кампос.

Полека кон теренот го вратила компанијата Training to Play (T2P) која се занимавала со разработка на програм за подготовка на играчи. Во јули 2012-та добил понуда да работи како скаут на Реал и храбро изјавил: „Дојдов во Реал не поради тоа што убаво изгледам. Мурињо знаеше дека сум доволно компетен за да работам со него“

„Жозе ми е како брат. Многу вреден човек е и најдобар тренер на светот. Искуството да се работи со него е најдобро нешто што ми се случи во кариерата. Благодарение на Мурињо научив што значи дисциплина и строгост. Во неговиот Реал видов како големите фудбалери се разликуваат од мали“.

Во Мадрид ги скаутирал противниците. Немал тефтери, папки, фасцикли, немал кутии преполни со листови. Сите информации ги чувал на лап топ и таблет. Во канцеларија имал само слика од семејството и од него како вози точак.

ВО МОНАКО БИЛ ОДГОВОРЕН ЗА СКАУТИНГ НА ТАЛЕНТИ

Во интервју за Јаху Спортс, Кампос раскажал:

„Во 2013 го напуштив штабот на Мурињо и дојдов во Монако на покана на спортскиот директор Вадим Васиљев. Клубот штотуку се врати во Лига 1 и имаше голем проект со огромни вложени средства, ги потпишаа Фалкао, Хамез и Мутињо.

Од мене бараа да го престројам клубот кој не беше спремен за Лига 1. Требаше да се реорганизира клупскиот менаџмент, стручниот штаб, медицинскиот персонал. Изнедривме и нов систем за скауотнг и разработивме методологија за собирање информации за ривалите. За тренер го назначивме Клаудио Раниери“.

Португалецот во Монако создал цел механизам, цела структура. Работел и како фитнес-специјалист и помошник на главниот тренер, и како менаџер на младинците.

Благодарение на него, Монако во првата сезона по враќањето од втора лига, заврши како 2 во Лига 1. Претседателот Дмитриј Риболовљев имал целосна доверба во него и се откажал од лудото трошење милиони.

Монако се врати во Лига на шампиони и клубот решил да заработува а не само да троши на големи ѕвезди. Кампос се испоставил како идеален човек за реализација на бизнис план.

Кога ги решил сите организациони проблеми, дошло време за скаутинг. Луис Кампос ги собрал сите информации за потенцијални засилувања, ги гледал во живо и одлучувал кого да поптишат.

„Имавме шест суперскаути и секој трансфер беше колективна не лична моја победа. Внатре имавме добра организација, постојано бевме на линија“, додава големиот фудбалски оперативец.

Првпат го приметил Мемфис Депај кога имал 16 години. „Ми остави фантастичен впечаток и му пратив порака на Кристијано Роналдо: „Ти најдов замена за во иднина“.

Уште кога Депај имал 16 години, Кампос предвидел дека ќе заврши во некој голем клуб. На крај Холанѓанецот потпиша во Манчестер Јунајтед а блесна во Лион.

„Буквално во еден период престанав да се појавувам во клубот и живеев во авиони. Одев на многу стадиони по светот. Една авионска компанија ми даде сертификат зошто за година дена поминав толку илјадници километри колку од Земјата до Месечината. Денес гледам фудбал во Премиер лига, а веќе утре гледам уличен фудбал во Африка“.

Го викале „земја-воздух“. Тој не сакал да се појавува на свечени ручеци и да се фали со своето влијание како рекламен плакат да има на себе. Никогаш не беше во канцеларија, секогаш на патувања“.

На еден младински турнир во Сао Пауло го нашол Фабињо кого Монако го плати 6 милиони евра а го продаде 45 во Ливерпул. Марсијал го довел откако го гледал само 8 минути како играл за Лион. Монако го купил за 5 милиони а во Манчестер го продале за 60 милиони евра.

Бернардо Силва го гледал во Б тимот на Бенфика и уште недебитиран во професионален фудбал, кога на Кампос му викале дека Силва е физички слаб, Португалецот настојувал да го доведат. Денес Бернардо е еден од најдобрите играчи во Европа кај Пеп Гвардиола во Сити кој за него плати 50 милиони евра (Бернардо дојде во Монако за 15,75 милиони евра).

Многу во работата му помогало тоа што знаел португалски, француски, шпански и англиски.

Луис Кампос е најзаслужен за Килијан Мбапе.

„Кога почнував во Монако, Мбапе беше незадоволен од својата состојба. Семејството бараше што поскоро да го напушти клубот. Јас ги тргнав 10 минути на страна и им реков: „Какво играчиште е!“. Ги убедив да остане и го префрливме во вториот тим. За два месеци направи гигантски чекор и заигра во прв тим. Тој ќе стане најдобар играч на светот“, раскажува Кампос. 

Начинот на живот, постојано да биде надвор од клубот и да трага по таленти ширум светот придонел Монако да заработи од трансфери, но Кампос да изгуби влијание во клубот.

Во 2016-та година заминал од кнежевството.

ВО ЛИЛ НАПРАВИ НОВО ЧУДО ИАКО МОРАЛ ДА ГО ИЗБРКА БЈЕЛСА

Марсело Бјелса и Луис Кампос дошле во Лил во 2017-та. Португалецот сакал да управува со сите спортски и финансиски улоги, но претседателот Жерар Лопез му ја ограничувал позицијата.

Бјелса требал да го комплетира составот и да бара играчи, а Кампос да одговара за организацијата и да предлага играчи (негов пронајдок е Никола Пепе).

Кампос со сите сили успеал да се избори за поголемо влијание и го убедил Лопез дека диктатот на Бјелса силно влијае на резултатите и финансиите на клубот.

Сегашниот тренер на Лидс, во Лил ги отпуштил ветераните Рио Мавуба, Венсан Енејама и Марко Баша и купил играчи за 70 милиони евра. За пар месеци клубот донел 24 фудбалери и отпуштил 27. 

Марсело не успеал во кратко време да ја воигра новата екипа а не му дале ни многу време. После 12 кола и само 13 освоени бода го отпуштиле.

„Лопез ја призна грешката. Сега сфаќа дека нашиот поранешен тренер не одговараше на нашиот проект. Чесно е да признаам дека згрешивме со неговото назначување. Невозможно е да создадеш екипа без искусни играчи кои ќе ги поддржуваат младите“, рекол Кампос по отказот на Бјелса.

Без незгодниот Аргентинец, Кампос сега ја добил власта. Слепата доверба која претседателот Лопез ја имал во Марсело го чинела многу пари и Лил западнал во големи долгови кои траеле веќе 10 години.

Кампос решил да ја примени магијата од Монако.

Направил чуда. За 10 милиони го донел Никола Пепе кој во Арсенал го продадоа за 80 милиони евра. Виктор Осимхен бил потпишан за 22,4 милиони евра а проаден во Наполи за 70 милиони. Рафаел Леао дошол како анонимен без обештетување а замина во Милан за високи 29,5 милиони евра.

Понатаму: Бесплатно во Лил дошол и Фоде Бало-Туре кого го продале за 11 милиони евра. Џонатан Иконе платен 5 милиони, а продаден за 28 милиони евра, Зеки Челик стигнал за 2,5 милиони а го продале 20 милиони евра. Бесплатно стигнал и Џонатан Бамба, подоцна продаден за 25 милион иевра.

Интересно е како Луис Кампос го пронашол Виктор Осимхен во 2017-та на еден турнир во Нигерија. Тој барал од генералниот директор на Лил Марк Ингл да му даде средства за да го купат младиот Нигериец и му ветил дека за неколку години ќе стане еден од најбараните играчи во Европа.

Го купил дури во 2019-та по авантурите на Осимхен во Волфсбург и Белгија.

Сите овие колосални трансфери го извадиле Лил од долгови. Жерар Лопез во целост го купил клубот со заем од 225 милиони евра од компанијата JP Morgan и инвестицискиот фонд Elliott Management.

Успеал да врати половина од сумата, пандемијата го спречила да ги израмни сите долгови.

Во моментов после 23 одиграни кола во Франција прв е токму Лил со 51 освоен бод, пред ПСЖ.

А нашиот јунак Луис Кампос отворено посакал да го напушти клубот уште во пролетта 2020 поради несогласувања со генералниот директор Марк Ингл. Но Жерар Лопез до крај решил да го убедува Португалецот да остане.

Интересно, Кампос никогаш не бил заведен како вработен во Лил, туку работел како соработник преку компанијата Scoutly која има акции во Лил.

Според информациите на RMC Sport, Луис Кампос од октомври 2020-та не се појавил на северот во Франција и бара да го ослободат од обврски. Во меѓувреме претседателот Жерар Лопез решил да продаде акции на Merlyn Partners кој сега раководи со Лил.

Аитор Каранка, некогашниот играч на Реал Мадрид, во една прилика го опишал Кампос:

„Тој се занимава со фудбалот во разни сфери: тренер, скаут, менаџер, има голем ентузијазам кон работата. Страста е клуч кон успехот. Ако поминете со него еден сааат, бидете сигурни дека 60 минути ќе збори за фудбал“.