Легендата Хоакин и на 39 години го спасува Бетис

Ретко кој клуб во светот може да се погордее дека има симбол каков што е Хоакин, правата икона на Бетис кој и натаму игра на високо ниво и руши сериозни рекорди.

Хоакин уште немаше ниеден настап годинава. 2021 за капитенот на Бетис почна со позитивен тест, изолација и подоцна од клупата за резерви го гледаше мечот со Селта. 

Во саботата вечер Бетис на гостувањето кај Реал Сосиедад губеше со 0:2, но Мануел Пелегрини во 77' минута реши да го пушти 39-годишното легендарно крило.

Хоакин во 85' минута во свој стил стил центрираше од десно а Серхио Каналес со глава погоди за 2-1. Во 92' минута Хоакин постигна убав гол за 2-2 и голем бод за неговиот Бетис.

Сосиедад синоќа имаше 12 удари кон противничкиот гол, 54% посед на топка, но гостите од Севиља го имаа Хоакин. Бетис сега е 8. на табела а Сосиедат 6-ти.

Хоакин стана четвртиот највозрасен стрелец на гол во историјата на Ла Лига со 39 години и 186 дена. Пред него се Ди Стефано (39 години и 231 ден), Сезар (39 години и 279 дена) и Донато (40 години и 138 дена). Капитенот на Бетис го надмина Ференц Пушкаш кој постигнал гол во Ла Лига на 38 години и 232 дена.

По број на одиграни натпревари во Ла Лига, Хоакин на вечната листа е на високото второ место со 566 меча. Прв е некогашниот голман на Атлетик, Барселона и Валенсија Андони Зубизарета со 617.

Хоакин лани го надмина Раул Гонзалес кој застана на 550 одиграни средби.

Капитенот е права икона на Бетис, дете на овој клуб. Во 2000-та дебитирал за првиот тим и набрзо стана нивен лидер. После 6 години замина во Валенсија каде го достигна врвот на кариерата, а следуваа трансфери во Малага и Фиорентина.

Во летото 2015-та се врати во родниот клуб а на промоцијата дојдоа 19.000 навивачи за да го поздрават. Инаку договорот му истекува ова лето. Хоакин одамна е во кругот на акционери во Бетис, а во 2018-та година стекнал 2% од акциите со 1,1 милион евра и не крие дека еден ден сака да стане претседател на клубот. 

24 јануари 2021 - 11:22