Легендарниот кабинер на Арсенал кој после 30 години добил отказ, па ги продал сите дресови и медали

Пол Џонсон работел во Арсенал цели 30 години. Дошол во клубот уште пред Арсен Венгер и имал позиција на гардеробер/администратор на екипата.

Во 2018-та година Арсенал ги отпуштил него и неговите колеги.

За 30 години во клубот, Пол Џонсон собрал огромна колекција дресови и разни реквизити. Му подарувале дресови како фудбалерите на Арсенал така и другите негови колеги-кабинери од разни клубови.

Едни од највредните дресови во колекцијата му биле оние на Зидан и Роберто Карлос од Реал од 2006-та

А во богатата колекција имал уште и знаменца, копачки, неколку медали (воглавно за второ место) од финални дуели во Куп, во Лига на шампиони, во Супер Куп итн. Меѓу најдрагите дресови му биле оние на Тони Адамс, Патрик Виера и Тиери Анри. Имал и дрес со потпис од сите легенди од славната генерација „непобедливи“ од 2004-та.

Како што добил отказ, поради сите неприлики во клубот кој никако да застане на нозе по заминувањето на легендарниот Арсен Венгер, Пол Џонсон ставил на аукција дури 221 предмет!

„Пол како да се одљуби ое Арсенал“, вели Грем Бад, организатор на аукцијата.

А самиот поранешен гардеробер на Арсенал Џонсон рекол:

„Арсенал беше мој живот и одлуката (за аукција) ми беше многу жална. Со секој продаден предмет ме врзуваа спомени. Но треба да се оди напред и така одлучив“.

Пред извесно време го ограбиле и му украле драгоцени предмети од колекцијата (ги чувал во гаража), па и тоа влијаело да ги продава.

Легендарниот кабинер кој пречекал и испратил многу генерации фудбалери, имал 8 медали и секоја ја продал за неколку илјади фунти. Најскапо ја продал онаа за победата во ФА Купот 2013/2014 кога Арсенал го сврте резултатот против Хал - ја дал за 9.000 фунти.

Вредните дресови достигнале многу различни цени. На пример за оној на Роберто Карлос добил 440 фунти, а за оној на Зидан 1.000 фунти. 

Најевтино ги продал дресовите на Мајорка, Кикерс Офенбах и Марибор против кои Арсенал играл подготвителни пријателски пред почеток на сезона. Секоја од нив била продадена по 50 фунти.

Ги продал и часовниците кои ги добил на прошталниот меч на Најџел Винтербурн - по 120 фунти.

Најбаран дрес неочекувано бил оној на Никола Анелка од сезоната 1998/1999 и тој бил продаден за 6.500 фунти. Тоа беше последна сезона на францускиот напаѓач со „топџиите“.

На аукцијата втора највисока цена добил дресот на Брајан Талбон, фудбалер од средниот ред на Арсенал од 1979 до 1985 кој одиграл дури 327 меча за „топџиите“. 4.000 фунти биле дадени за овој дрес.

Исто неочекувана била и големата побарувачка за дресот на Ешли Кол кого навивачите на Арсенал го отпишаа откако премина во Челси (сјајниот бек во северен Лондон го завикале Кешли). За дресот кој Ешли Кол го носел на последниот меч како играч на Арсенал на „Хајбери“ во 2006-та некој платил 3.000 фунти.

Чудно е што повеќето драгоцени предмети ги продал за симболична сума. Пример големите гигантски копачки на Пер Мертезакер биле купени за 150 фунти, а немало никаков интерес за дресот и копачките на Лукаш Фабијански и покрај тоа што Полјакот цели 7 години беше во Арсенал.

На крајот кога подвлекол црта, Џонсон заработил околу 100.000 фунти. А некој заработил оригинални и ретки предмети во својата колекција.