Крахот на англиските екипи во Европа

Имаат најголема гледаност, најскапи тв права, најскапо платени фудбалери и во моментот кога изгледаше дека никогаш не биле подобри, стигна демант од Европа. Често ги потценуваат противниците и не играат со најдобри состави во Европа, а тоа скапо ги чини.

Во Лигата на шампионите, Ливерпул испадна од групната фаза, во конкуренција на Базел, Лудогорец и Реал Мадрид и како трето пласирана екипа продолжи во ЛЕ. Тешка задача за да останат таму имаат Манчестер Сити и Арсенал, кои играат во нокаут фазата. Челси одигра во Париз 1:1, а Сити остана без бодови на домашен терен против Барса.
 
Вчера од Лигата на Европа испаднаа Ливерпул и Тотенхем, а уште во септември минатата година од Европа се прости Хал Сити, кој не влезе ниту во групната фаза. Од сите англиски претставници на континентот, само за Евертон може да се каже дека ги исполнил очекувањата, иако во Јанг Бојс имаше лесен противник во Лигата на Европа. 

Минатата година, Челси стигна до полуфиналето од ЛШ, благодарение на голот на Демба Ба против ПСЖ во судиското продолжение. Арсенал и Манчестер Јунајтед изгубија од Баерн Минхен во осмина и четврт финалето, а Манчестер Сити испадна од Барселона. Лани само Тотенхем стигна до осмина-финалето од ЛЕ, но таму и застана.
 
Ако Лига Европа порано не беше толку привлечна за премиерлигашите, денес не е така. Второто по ранг натпреварување на УЕФА носи многу бенефиции, по што сите клубови учесници ја ставија ЛЕ како приоритет во сезоната. Победникот на ова натпреварување оди директно во групна фаза од ЛШ.
 

Сепак тренерите тоа не го покажаа на дело. Ливерпул против Бешикташ настапи без Стивен Џерард, Џордан Хендерсон и Филипе Кутињо. Тотенхем, по зборовите на тренерот Маурицио Покетино се чуваше за финалето на Лига Купот против Челси во недела. Единствено Роберто Мартинез го одржа ветувањето и Евертон максимално ангажирано играше во Европа. На страна тоа што Евертон сезонава може да испадне од Премиер лигата.
 

Со оглед на тоа што дури пет италијански клубови обезбедија пласман понатаму во ЛЕ (Рома, Наполи, Интер, Торино и Фиорентина), англискиот фудбал нема да може сигурно да смета на повеќе места во Европа од италијанскиот, како што беше досега.
 
ЕСПН пишува дека ароганцијата на англиските клубови е виновна што тие лесно испаѓаат од Европа, затоа што често ги потценуваат ривалите и играат без најдобрите фудбалери.
 
Нивната констатација е дека Премиер лигата можеби е побогата, но не и попаметна од другите.
27 февруари 2015 - 16:38