Косово може да оди на Европско, а некои земји домаќини не го признаваат како држава

Покрај Финска која пријатно ја изненади европската фудбалска јавност, ништо помалку труд не вложија ниту фудбалерите на Косово, една од последните членки на ФИФА и УЕФА која не е признаена од неколку земји домаќини на Евро 2020.

Дваесетина минути ја делеа фудбалската репрезентација на Косово од апсолутно неверојатен подвиг, три бода и многу близу до пласман на Европско првенство од прв обид. Ова беше прво учество на Косоварите во традиционалните квалификации.

Водеа против Чешка 0-1 на гости до 71’ минута и со евентуална победа, ќе требаше во недела во Приштина да се изборат за бод против одамна пласираната Англија чиј селектор најави дека за гостувањето на Балканот ќе дојде со повеќе млади играчи и некои дебитанти.

Но на крајот Чесите ја оправдаа фаворитската улога (имаа преку 14 шута), направија пресврт и славеа 2-1 со што и официјално се пласираа на Европско првенство 2020.

Репрезентацијата на Косово пред само три години го одигра својот прв натпревар а синоќа беа на праг од историски пласман.

ЛИГА НА НАЦИИ СО МАКЕДОНИЈА ИЛИ ВО СКОПЈЕ ИЛИ ВО СТРУМИЦА

Косоварите ја добија својата група во Лига на Нации, така што ќе играат на Фајнал Форот каде што ќе бидат уште и нашата репрезентација, Грузија и Белорусија.

Полуфиналето Македонија - Косово се игра на 22 март 2020 година, а евентуалното финале е закажано 4 дена подоцна. Домаќин во финалето ќе биде одреден на ждрепка во седиштето на УЕФА.

КОСОВО ГО ПРИМИЈА ВО УЕФА И ФИФА, ИАКО НЕКОЛКУ ЗЕМЈИ ГЛАСАА ПРОТИВ

(гледачи на мечот Косово - Хаити)

Првата неофицијална пријателска, репрезентацијата на покраината за која Србија не сака да слушне за отцепување и уште ја смета за своја земја, по распадот на Југославија ја играла со Албанија.

До 2008 година Косово продолжи да игра неофицијални натпревари против послаби противници, некогаш и против клубови затоа што УЕФА и ФИФА не им го забранија тоа. Во 2006 година Косоварите победија 7:1 против Монако, а после една година ја победија 1:0 Саудиска Арабија иако тие натпревари повеќе беа за престиж и пробивање на фудбалска мапа.

Првото барање за членство во ФИФА, Косово го предало во мај 2008 година, на само пар месеци од самопрогласената независност од Република Србија. Во октомври истата година независноста на Косово ја признаа 50 држави меѓу кои САД, Франција, Велика Британија и Германија.

Во 2012 година Косово извесно време немало дозвола да игра официјални пријателски средби поради протестите на Србија во ФИФА и УЕФА, но во 2014 година им дозволија - со услов на дресовите да нема никаква државна симболика и да нема химна.

Во мај 2016 година на конгресот на УЕФА, Косово го примија во составот на оваа организација. За гласаа 28 федерации а против беа 24.

Против беа земјите кои ден-денес не ја признаваат независноста на Косово и ја сметаат оваа територија за српска: Русија, Шпанија, Украина, Грција, Кипар, Романија, Словачка, Србија, Босна и Херцеговина и други. После пар недели Косово влезе и во ФИФА каде има многу земји кои уште не го признаваат Косово и кои би можеле да играат против нив на евентуално Европско или Светско првенство.

ЏАКА И ШАКИРИ МОЖЕА ДА ИГРААТ ЗА КОСОВО

Првиот официјален меч репрезентацијата на Косово го одигра на 5 септември 2016 година - против Финска во квалификациите за Светско 2018.

На 8 часа пред мечот тогашниот селектор на Косово, Алберт Буњаки не знаел на кои се играчи ќе може да смета, затоа што ФИФА одлучила дека фудбалерите родени на Косово или оние кои имаат косовски корени а веќе заиграле за други репрезентации (во прв ред Албанија), може да го сменат „фудбалското државјанство“.

Биографијата на секој играч одделно била разгледувана од специјална комисија и процесот траел подолго. За Косово можеа, но не прифатија да играат Гранит Џака и Ѓердан Шаќири. И двајцата решија да останат да играат за Швајцарија.

На денот на мечот со Финска дозвола добиле и капитенот на екипата Самир Ујкани (20 меча за Албанија), Ваљон Бериша (веќе имаше 19 настапи за репрезентацијата на Норвешка), Албан Меха (7 меча за Албанија), Херолинд Шала (5 меча за Албанија), Милот Рашица (2 меча за Албанија) и стоперот Амир Рахмани (1 меч за Албанија).

Косоварите стартуваа успешно, одиграа нерешено со Финска на гости (1:1, првиот официјален гол за оваа репрезентација го даде Ваљон Бериша). Понатаму селекцијата на Буњаку ги изгуби сите девет следни натпревари и ги заврши квалификациите на последно место со гол разлика 3:24!

Буњаки добил отказ а на негово место стигнал друг Косовар, Муарем Сахити, но и тој кратко се задржал.

Конечно во пролетта 2018 година, репрезентацијата им ја презел 68-годишниот Швајцарец Бернар Шаланд. Негов најголем успех во тренерската кариера била победа со Цирих над Милан во еврокуповите на „Сан Сиро“ во 2009 година кога направил сензација.

Во 2014 година Шаланд ја предводеше репрезентацијата на Ерменија, но после една година го отпуштиле после слабите настапи во квалификациите за Евро 2016. После ова тренерот Шаланд станал скаут на Базел и решил да заврши со тренерска професија.

Но кога му стигнала понуда од Косово, одлучил да стане селектор.

Шаланд во текот на квалификацииве форсираше активен пресинг и брзи напади. Во Лига на нации уверено ја освои групата со 15 дадени гола и 2 примени иако играа против аматерски селекции Фарски Острови, Малта и Азербејџан.

Во квалификациите за Европско Косово постигна 12 гола на 6 меча при што дури 3 против Англија на сред „Вембли“ (Гордиот Албион победи 5:3).

Поразот од Англија во септември беше прв за репрезентацијата на Косово после цели 2 години - немаа изгубено од ноември 2017 година (10 победи и 5 нерешени, делумно против послабо рангирани репрезентации).

Просечната возраст во репрезентацијата на Косово е 25,3 години и се повеќе млади играчи се наоаѓаат во составот. Федерацијата на оваа земја ги бара по цела Европа фудбалерите кои имаат потекло од Косово.

Еден од најдобрите фудбалери им е Милот Рашица (23). Игра лево крило, а кариерата ја почнал во косовскиот клуб Вуштрија. Во летото 2015 се пресели во Витезе, а после три години заигра за Вердер Бремен во Бундеслигата.

Сезонава има 4 гола на 7 меча во Бундес и 2 гола во квалификациите за Евро 2020.

На десно крило го имаат 24-годишниот Арбен Зенели. Тој е роден во Шведска и ја поминал фудбалската академија на Елфсборг. На почетокот на 2016 година потпишал со Херенвен каде брзо станал еден од носителите на играта. Сезонава Зенели игра во Рен, во француската Лига 1 каде има 3 гола и 3 асистенции. Тој настапуваше и за младинските селекции на Шведска, но во 2016 година одлучил да игра за Косово.

Прв голман е 21-годишниот Аријантер Муриќ кој е под договор со Манчестер Сити. Минатата сезона после повредата на Клаудио Брави, Муриќ му беше резерва на Едерсон а сега игра на позајмица во Нотингем Форест.

Најголем талент во репрезентацијата на Косово е Бершант Целина - 23 годишен фудбалер под договор со Манчестер Сити кој настапува во Чемпионшип како позајмен играч во Свонси.

Целина почнал во академијата на Стремсгодсет (неговите родители се преселиле од тогашна Србија и Црна Гора во Норвешка, кога Берсант имал само 2 години). Настапувал за јуниорските и младинските репрезентации на Норвешка но на крај го одбрал Косово.

За Косово игра и 26-годишниот Ваљон Бериша кој почна во Норвешка, па направи име во Австрија каде пет пати ја освои титулата со Ред Бул Салцбург. После неколку сезони премина во Лацио каде обично седи на клупа за резерви.

Лидер на селекцијата е робусниот шпиц Ведат Муричи (25 години, висок 192 см). Тој е прв центарфор на Фенербахче, постигна 4 гола во квалификациите и се споменува интерес од англиски клубови за него.

Во рускиот клуб Ахмат игра Бернард Бериша кој има пасош од непризнаената во Русија косовска држава но тоа не му смета да настапува во РПЛ.

УЕФА ЌЕ ГО РАЗДВОЈУВА КОСОВО ОД РУСИЈА, ШПАНИЈА, РОМАНИЈА И АЗЕРБЕЈЏАН?

Ако Косоварите во некој случај се пласираат на Евро 2020, во групната етапа нема да може да играат против репрезентациите на Србија и Босна (ако и овие две селекции воопшто се квалификуваа). УЕФА ќе ги раздвои поради безбедност.

Во октомври УЕФА објави дека поради безбедносни причини исто и ќе ги раздвојува Косово и Русија пред ждрепката. Оваа одлука е донесена откако УЕФА ја преселила средбата од квалификациите за Евро 2021 меѓу женските фудбалски репрезентации на Русија и Косово на неутрален терен.

Од 12 земји домаќини на Европското 2020, независноста на Косово не ја признаваат Русија, Азербејџан, Романија и Шпанија. Дали УЕФА во случај Косово да направи историски подвиг и отиде на Евро 2020 ќе ги стави Косоварите во друга група од Е (Билбао), Б (Петербург), А (Баку) и Ц (Букурешт), уште не се знае.

УЕФА во последно време решаваше сите репрезентации на земји кои не го признаваат Косово да играат против нив на неутрален терен. Така на пример во октомври 2016 година постапи Украина и играа во полскиот град Краков.