Кој е тимот кој освои Скудето откако се врати од -6 на 5 кола до крај?

Слабата форма Лацио ја плати со пад на четврто место и сега Интер е втор со 6 бода помалку од Јувентус на 5 кола до крај. Во ерата на 3 бода за победа од сезоната 1994/1995, само еден клуб во Серија А успеал да ја анулира предноста на лидерот и да слави титула.

Верувале или не, протагонисти и во таа сезона во финишот беа Јувентус и Интер, ама не само тоа, туку и тогаш и сега во игра за таков пресврт се Конте и Роналдо, со таа разлика што Конте тогаш беше играч, а Роналдо оној другиот од Бразил.

2001/2002 на 5 кола до крај: Интер 62, Рома 59, Јувентус 56
Конечна табела: Јувентус 71, Рома 70, Интер 69

Зборуваме за сезоната 2001/2002 единствената во која откако за победа се даваат 3 бода, тој што заостанувал 6 бода на 5 кола до крај, успеал да го освои Скудетото. Ситуацијата од актуелнава сезона е обратна, затоа што тогаш Интер беше прв, а Јувентус не втор, туку трет.

Се работи за оној неславен 5 мај на Интер кој со пресилен напад предводен од Роналдо-Виери-Рекоба во последно коло загуби 4:2 од Лацио, а Јуве славеше во Удине. Разликата се стопи затоа што претходно Интер загуби од Аталанта и одигра 2:2 против Киево.

Интересно Антонио Конте може сега да ја повтори таа историја, ама се наоѓа во сосема поинаква положба и тоа треба да го стори како тренер на Интер против клубот за кој играше и го тренираше.

Да ја ѕирнеме сликата и во претходните сезони на 5 кола до крај. Во последните 8 сезони можност за таков пресврт Јувентус не дозволи, бидејќи цврсто ја држеше лидерската позиција до крај и само два пати имал помала предност од сегашната.

На 5 кола до крај:

2018/19: Јувентус+20 пред Наполи
2017/18: Јувентус +4 пред Наполи
2016/17: Јувентус +8 пред Рома
2015/16: Јувентус +9 пред Наполи
2014/15: Јувентус +14 пред Лацио
2013/14: Јувентус + 8 пред Рома
2012/13: Јувентус +11 пред Наполи
2011/12: Јувентус +3 пред Милан

2010/2011 на 5 кола до крај: Милан 71, Наполи 65
Конечна табела: Милан 82, Интер 76, Наполи 70

Една сезона пред првата од осумте титули во низа се случи пресврт и анулирање на 6 бода на 5 кола до крај, но не за титулата туку за втората позиција. Наполи го бркаше Милан, но загуби од Палермо и Лече и на крај Интер им ја зема втората позиција.

2009/2010 на 5 кола до крај: Рома 68, Интер 67
Конечна табела: Интер 82, Рома 80

Пресврт се случи и една сезона претходно кога Рома на 5 кола беше прва со бод повеќе од вториот, но на крај го загуби Скудетото. И во таа сезона во главна улога беше Интер кој со Мурињо стигна до тројната круна.

Рома загуби дома од Сампдорија 1:2, а Интер ги победи сите пет меча до крај.

2004/2005 на 5 кола до крај: Милан 73, Јувентус 73
Конечна табела: Јувентус 86, Милан 79

Второпласираниот тим на 5 кола до крај ја освои титулата и во сезоната 2004/2005, со тоа што тогаш немаше бодовна разлика, туку Милан беше прв само поради подобрата гол разлика. Во 35 коло со голот на Трезеге, Јуве го доби директниот дуел на Сан Сиро, но Скудетото им беше одземено поради скандалот Калчополи.

1999/2000 на 5 кола до крај: Јувентус 62, Лацио 59
Конечна табела: Лацио 72, Јувентус 71

Кога Лацио последен пат ја освои титулата заостануваше 3 бода зад Јуве на 5 кола до крај, но потоа следуваше драма. Во следно коло Јуве имаше +5 откако Лацио во Фиренца одигра 3:3.

Но на две кола до крај Лацио се врати на -2, затоа што Јуве падна во Верона. Во претпоследно коло немаше промени на табела, но во последно Лацио ја совлада Реџина, а Јуве загуби од Перуџа на дождот.

1999/1999 на 5 кола до крај: Лацио 56, Милан 55
Конечна табела: Милан 70, Лацио 69

Една сезона претходно Лацио беше во обратна ситуација, а се радуваше Милан на Ѕакерони. Титулата ја загуби во претпоследно коло бидејќи и тогаш одигра реми со Фиорентина.

17 јули 2020 - 16:38