Кога бил бебе го убиле татко му, во 2018 имаше тешка болест, сега е јунак на Аталанта

По неверојатниот триумф на клубот од Бергамо во 1/8 финале на Лига на шампиони, најголемите спортски медиуми го величаат Јосип Иличиќ, репрезентативецот на Словенија кој има баш тешка животна приказна и фудбалска кариера.

Висок 1.92 см, со широки раменици, Јосип Јојо Иличиќ на прв поглед на теренот би ви делувал како стопер, како играч од одбраната. Но Словенецот важи за еден од најдобрите техничари, мошне вешт со топка и убиствена левица. Тоа го докажа и во средата вечер кога постигна маестрален гол на најголемата сцена.

Иако е изразит левак, Иличиќ се намести на десна и распали за 2:0 и делирум на „Сан Сиро“ во Милано каде Аталанта ги игра натпреварите од Лига на шампиони.

Медиумите се натпреваруваат кој повеќе ќе го исфали фантастичниот Иличиќ, но малкумина знаат низ што се тој поминал во животот.

БЕГСТВО ОД ПРИЈЕДОР ВО КРАЊ

Јосип е роден во хрватско семејство во градот Приједор во Република Српска во 1988 година. Кога имал само една година останал без татко му кој бил убиен во Приједор.

Поради своја и сигурност на своите два сина, мајка му Ана решила брзо да се пресели во словенечкиот град Крањ каде работела и по две работи само за да ги издржува Јосип и Игор. Двајцата браќа тргнале во школо во Крањ, а кога не биле на настава, во слободно време непрестано играле фудбал.

„Стално ми викаа дека е многу талентиран, а фудбал играше цело време. Знаеше понекогаш и да бега од часови за да остане на игралиште со другарите“, раскажала еднаш мајка му Ана која што на наговор на пријателите и наставниците, го запишува својот син Јосип да тренира фудбал во ФК Триглав од Крањ.

Малиот Јосип освен што тренирал голем фудбал, паралелно многу сакал да игра и мал фудбал. Се случувало дури и да не отиде на тренинг со цел да игра мал фудбал со другарите.

МАЛКУ ФАЛЕЛО ДА КРЕНЕ РАЦЕ ОД ФУДБАЛ И ГРАДЕЊЕ КАРИЕРА

По ФК Триглав, продолжува да тренира во нисколигашите Бритоф и НК Бонифика.

Следува интересен, можда и клучен период во развојот на неговата сјајна кариера. Јосип во 2008-ма година потпишува договор со Интерблок, повремен словенечки прволигаш, клуб кој секогаш е на границата меѓу втора и прва лига.

А таму, со убиствената левица, Иличиќ на 65 натпревари дал 14 гола и 3 асистенции. Во 2009-та година Интерблок сензационално го освојува Купот на Словенија, но веќе следната сезона испаѓа од прва лига. Разочаран од таквиот исход, Јосип размислувал дури и да го напушти големиот фудбал и да се врати на својата голема љубов - футсалот.

Во фудбалските кругови во Словенија е познато дека кариерата на Иличиќ му ја спасил најдобриот словенечки фудбалер на сите времиња - Златко Заховиќ, кој сметал дека е жално таков талент како Иличиќ да заврши прерано со фудбал.

Затоа Златко (исто беше сјаен левоног фудбалер), како спортски директор на Марибор, во летото 2010-та година му исплаќа 80.000 евра на Интерблок и го носи Јосип во еден од двата најголеми клуба во земјата.

УШТЕ НЕ ПРЕСЕЛЕН, ГО ЧЕКАШЕ ГОЛЕМ ТРАНСФЕР ВО ПАЛЕРМО

После само два месеци, Иличиќ од работ да батали фудбал и да игра футсал, ќе потпише со реномиран клуб од Серија А. Како?

Марибор тоа лето 2010-та година играше во предквалификациско коло од Лига Европа и успешно го помина. Следен ривал им беше Хибернијан од Шкотска. Словенците дома ги прегазија гостите со 3:0 а два прекрасни гола дал Јосип Иличиќ.

И тогаш следуваше натпревар кој му ја смени кариерата и комплетно животот. Марибор се падна против Палермо кој тогаш имаше супер екипа со Сиригу на голот, со Хавиер Пасторе, Миколи, Макароне, Камил Глик, Ливерани, Ночерино...

Палермо првиот дуел на Сицилија го доби лесно 3:0 и веќе размислуваше за следниот противник. Но на реваншот на стадионот „Људски врт“, Марибор предводен од фантастичните Иличиќ, Таварес и Мезга до 62 минута водеше 2:0 и напаѓаше за трет гол со кој ќе избореа најмалку продолженија. За жал Италијанците израмнија со два брзи гола и отидоа понатаму.

Но Марибор со Јосип Иличиќ како ударна игла, толку ги импресионирале луѓето од Палермо што Маурицио Ѕампарини, контроверзниот претседател на клубот, веднаш после мечот решил да не се враќа за Италија без дури тројца играчи на Марибор.

Заховиќ договорил трансфер вреден 2,3 милиони евра за Иличиќ.

Постои и друга верзија за која пишуваше реномираниот Гардијан, дека менаџерот на Иличиќ праќал цд со сјајните игри на Јосип на многу клубови, а во Палермо се вљубиле на прв поглед уште пред да играат против Марибор во Лига Европа.

Во претходната сезона Палермо заврши на високо 5. место во Серија А, а Иличиќ дојде на Сицилија буквално после пар месеци откако потпиша со Марибор. Во 2. коло од Серија против Бреша брзо се најде во составот.

„Бев шокиран. Ни на крај памет не ми падна дека можам веднаш толку рано да играм. Бев спремен да чекам колку ќе треба“, изјавил Иличиќ за периодот во Палермо.

Тоа лето од клубот замина Единсон Кавани а Миколи беше повреден.

Се понатаму е историја: Словенецот заедно со Хавиер Пасторе ги полудуваа противничките одбрани. Интересно, Аргентинецот не сакал да му го отстапи бројот 27 на Јосип па овој се решил за 72, број кој ден-денес го носи.

За три сезони на Сицилија одигра 107 меча и постигна 18 гола со 14 асистенции. Ваквиот учинок ја натера Фиорентина во 2013-та да даде 9 милиони евра за него!

Во Фиорентина имаше тежок почеток, не се адаптираше лесно, но кога се навикна на новата средина, Јосип постигна 37 гола и 18 асистенции на 138 натпревари. И покрај тоа, во Фиренца некако не му веруваа па го продадоа за 5,5 милиони евра во Аталанта.

Токму во Бергамо, каде стариот лисец Џан Пјеро Гасперини во 2018-та години го потпиша Колумбиецот Дуван Ѕапата од Сампдорија, Иличиќ стана дел од триото Јосип-Гомез-Ѕапата, фудбалери кои го сочинија најдобриот напад во цела Европа.

ОПАСНА И ТЕШКА БОЛЕСТ КАКО ГРОМ ОД ВЕДРО НЕБО

„Тоа беше прав пекол. Сериозно размислував да ја завршам кариерата“, ги смрзнал италијанските новинари Иличиќ по неколку месечната борба со бактериско заболување.

Во јули 2018-та година Јосип Иличиќ почуствувал мачнини па откако бил на прегледи, дознал многу неубава вест - му дијагностицирале бактериско заболување на лимфниот јазол кое сериозно му ја отежнала работата на усниот дел и вилицата.

Цели два месеци Јосип Иличиќ ги поминал на антибиотици и мирување. После неколку дена дури и го хоспитализирале и му рекле дека станува збор за многу сериозно заболување кое знае да има и најцрни последици.

„Во таква ситуација многу размислуваш за животот и сфаќаш што ти е најважно на крајот. Ми беше чудно како сум можел да се нервирам или вознемирувам поради фудбал. Фудбалот падна во втор план, не ги следев ниту резултатите на Аталанта. Единствено од што се плашев беше дека повеќе нема да играм“, искрено раскажува одличниот словенечки репрезентативец кој играше и за Фиорентина и Палермо.

Лекувањето завршило успешно и Јосип на крајот од септември почнал со лагани тренинзи.

„Почнав буквално од нула, можеби од -10%“, рекол Словенецот кој полека влезе во ритам и седна на клупата за резерви.

Речиси две години подоцна, Иличиќ како бајрактар ја води Аталанта низ најубавото време во клупската историја. „Деа“ („Божицата“ како што ја викаат нагалено Аталанта) игра сезона од соништата - историски пласман во Лига на шампиони и фантастичен триумф над „лилјаците“ од Валенсија 4-1 на првиот меч од 1/8 финалето.

Кој би рекол дека јунак на оваа приказна би било детето кое под рака со мајка му бега од Босна во Словенија и таму размислува да се фокусира само на мал, а не на голем фудбал.