Клучните мотиви за заминувањето на Пирло во Њујорк

Довчерашниот фудбалер на Јувентус, Андреа Пирло за клупскиот сајт на Њујорк Сити ги наброи сите мотиви поради кои решил да се пресели во САД.

По 4 години и 4 титули со Јувентус, Андреа Пирло реши да замине од Јувентус. Италијанскиот репрезентативец стана најплатениот фудбалер во МЛС лигата во САД, откако потпиша договор според кој ќе заработува 8 милиони долари по сезона.
 
Пирло вели дека поразот во финалето на ЛШ му оставил горчелив вкус.
„Убаво ќе беше да се затвори со победа, но во секој случај за мене заврши еден циклус. Имав потреба од нови емоции. Во Јуве минав четири фантастични години во кои се создаде една победничка група. Се надевам дека тоа ќе се креира и во Њујорк“, вели Пирло за сајтот на Њујорк ФЦ.
Пирло во САД ќе заработува двојно повеќе отколку што заработуваше во Јувентус, клуб кој со емоционално видео се збогуваше од големиот мајстор на фудбалот.
„Презадоволен сум што дојдов во овој клуб во МЛС, искуство кое сакав да го остварам долго време. Се надевам дека ќе биде добро. Ја избрав оваа можност, затоа што имав потреба од нови мотиви. Сакам да стигнам на врвот веќе оваа година, имаме време за да го постигнеме тоа.
Поранешниот фудбалер на Интер, Милан и Јувентус во Њујорк ќе игра заедно со Давид Виља.
„Виља ме прифати одлично и мило ми е што ќе играм со него. Се одлучив за овој клуб затоа што е во подем и сето тоа во и околу клубот допринесе да ја прифатам понудата да станеме големи заедно“, заклучува Пирло.
Навивачите на Јуве со емотивно видео се збогуваа со Пирло:
 
7 јули 2015 - 16:38