Карабах е тимот што игра само на гости

Азербејџанскиот фудбалски клуб Агдам Карабах за првпат во својата историја игра во Лига Европа, а вчера го „пречека“ Сент Етјен во Баку.

Карабах се натпреварува во групата Ф каде ќе играат против Интер (2.октомври), Днипро и Сент Етјен. Против Французите вчера го освоија и првиот историски бод во Европа.

Сепак, среќата за пласманот во второто по ранг европско натпреварување е во сенка на нивната судбина своите натпревари никогаш да не ги играат на домашен терен. Причината за тоа е што Карабах е клуб од Нагорно-Карабах, регион на границата меѓу Ерменија и Азербејџан кој 21 година е под воена опсада на Ерменија.

Во екипата игра и нашиот репрезентативец Муарем Муарем, кој со голот против Твенте во плејофот му овозможи на својот клуб за првпат да игра во Лигата на Европа.

Карабах сите натпревари под закрила на УЕФА ги игра во главниот град, Баку, на стадионот „Тофик Бахрамов", кој го користат уште и Нефчи и репрезентацијата на Азербејџан. Освен што го загуби својот стадион, терените за тренинзи и сместувањата за играчите, Карабах во минатото го загубил и првиот тренер кој бил погоден со граната додека бил во својот автомобил.

Трагичната сторија на азербејџанскиот клуб е раскажан во документарниот филм „Офсајд", на холандскиот режисер Артур Хујзингер. Од 1993-та година, ниту еден играч на Карабах не тренирал ни играл во матичниот град.

Во сезоната 2010/11, Карабах се сретна со нашиот Металург во 2.коло од квалификациите за ЛЕ. Тимот од Азербејџан беше убедлив во Баку (4-1), а реваншот во Скопје заврши 1-1.

19 септември 2014 - 13:56