Како златната генерација на Југославија направи сензација во Чиле

На секој 25 октомври Бобан, Шукер, Јарни, Просинечки, Штимац, Мијатовиќ и останатите деца на Мирко Јозиќ треба да се собираат во кафана и да почнат со муабетот „Сечате ли се шта смо урадили“. ФИФА на својот веб сајт денеска им посвети простор по повод 29 години од освојувањето на златниот пехар.

Премотајте ја назад фудбалската лента во октомври 1987 година. Зико беше сменет од страна на Бебето, тимскиот колега од Фламенго во обид да стане еден од најголемите играчи во бразилската фудбалска историја, Енцо Франческоли беше свеж од успехот со Уругвај која ја освои Копа Америка два пати во низа, Диего Марадона имаше непроценлив придонес во освојувањето на Скудетото на Наполи, Марко ван Бастен ги полнеше мрежите за Ајакс, а потоа за Милан.

Тоа беa само четири примери и четири блескави дијаманти забележани на Светското младинско првенство каде се појавија најдобрите играчи на планетата. Чиле беше домаќин на шестиот младински Мундијал кој го сврти вниманието на навивачите на глобално ниво, а тие имаа можност да ги гледаат идните суперѕвезди.

На тоа Светско се појавија и потенцијалите од типот на Матијас Замер и Андреас Милер, респектабилните 10-ки на Бразил, Источна и Западна Германија, како и Бугарија со Емил Костадинов кој потоа на СП 1994 заедно со Стоичков стигнаа до историското четврто место.

И додека никој пред стартот на првенство не ги споменуваше Југословените во ист кош како претходно наведените аспиранти, наскоро нема да биде така. На отворањето на Мундијалот го поразија домаќинот Чиле со 4:2, а потоа со 4:0 и 4:1 настрадаа Австралија и Того. Во групната фаза Давор Шукер стигна до 5 гола, Мијатовиќ и Бобан по два, додека Роберт Просинечки ги воодушеви гледачите со неговата неверојатна визија за игра, како и беспрекорните асистенции.

Селекцијата на Бразил не успеа да направи серија од три освоени младински Мундијали по ред, а пречката им беше Југославија од која беа елиминирани во четвртфиналето. Мечот го реши Просинечки со гол од слободен удар на минута до крајот, кој потоа ќе биде избран за гол на првенството.

Елегантниот дефанзивец Игор Штимац го отвори резултатот на полуфиналниот меч против Источна Германија, Матијаз Замер израмни, а Шукер и донесе победа на Југославија од 2:1, овој пат вредна финале. Таму ги немаше Просинечки и Мијатовиќ поради картони.

Исто како во финалето на Мундијалот 1962-ра, Естадио Национал во Сантијаго беше домаќин на средба меѓу фудбалски гигант и голем аутсајдер. Меѓутоа овој пат пред 65.000 гледачи Давид нема да биде совладан од Голијат како Чехословачка што беше совладана од Бразил.

Играта ја презема во своите раце Југославија која дури во 85 минута преку Бобан го скрши мразот. Многу други во тие моменти би се откажале и би го фрлиле пешкирот на лице, но тоа не важи за Западна Германија, која поттикната од многу други враќања на своите претходници успеа да се врати во игра.

По само две минути игра израмнија преку пенал за продолженија, а мечот за прв во историјата на ФИФА турнирите се решаваше на пенали. Сите погодија од белата точка, освен Марсел Витечек, фудбалерот кој израмни на 1:1 во регуларните 90 минути.

Витечек самоуверено застана да го шутира неговиот втор пенал таа ноќ, но овој пат го промаши цел гол, а за Југославија погодија Павличиќ, Брновиќ, Шукер, Зиројевиќ и Бобан. Овој успех бил до толку неочекуван, што Југославија имала само еден новинар кој известувал од лице место.

Тој човек се вика Тома Михајловиќ:

„Сите го земаа здраво за готово фактот дека тоа ќе бидат само три натпревари во групна фаза и потоа дома, па така јас бев единствениот новинар пратен во Чиле. Но прво го победивме домаќинот, потоа продолживме со победи и никој не ни даваше шанси и покрај тоа што игравме убав фудбал. Јас се надевав дека ќе имам малку време и за прошетка, но работев деноноќно. Беше лудо“.

Тоа нема да биде последен пат да чуеме за Јарни, Бобан, Шукер и Просинечки. Тие беа дел од репрезентацијата на Хрватска која ја шокираше Германија со 3:0 во четвртфиналето од Мундијалот во Франција 1998 и потоа завршија на трето место откако во полуфинале загубија од домаќинот.